• Телефон

    +3892 3239 270

  • Email

    vbitrakova@yahoo.com

Датум на раѓање:
19.07.1939
Место на раѓање:
Охрид
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Историја на уметноста на старите народи (класична археологија и античка археологија на Балканот)

Биографија

Акад. Вера Битракова-Грозданова е родена на 19 јули 1939 година во Охрид, каде го завршува гимназиското образование. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирала во 1963 година, на Отсекот за археологија. Од 1963 до 1972 година работи како кустос во Народниот Музеј во Охрид во одделението за античка археологија. Од 1972 до 1975 година работи како кустос по римска археологија во Археолошкиот Музеј во Скопје. Во  1972  ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија на тема Ranokriščаnski spomenici Ohridske regije, а во  1984 година на истиот факултет во Загреб одбранет е докторат на тема Spomenici helenističkog razdoblja na tlu SR Makedonije (кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ). Од 1975 год. до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија по предметите: историја на уметноста на старите народи, класична археологија и античка археологија на Балканот.  Од 1978 до 1997 година предава историја на уметноста на старите народи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Студиски престои реализирала во Париз, Франција, во 1967 и во 1993 година, на Институтот за уметност и археологија (Institut d’art et d’archeologie – Universités de Paris), и на Факултетот во Безансон (Faculté des letters et sciences humaines-Beasançon); во 1979 година во Германија, како гостин на Институтот за стара историја и археологија, при Берлинската академија (Zentralinsitut fur Alte Gechichte und Archaologie  Akademie der Wissenchaften der DDR); во 1980 во Бугарија, како гостин на Историскиот факултет во Софија, на Траколошкото одделение; во 1980 во Албанија, како гостин на Албанската академија на науките (Académie des Sciences d’Albanie – Institut d’archаéologie).
Во Грција има подолг престој во 1968/69 година како стипендист на Грчката влада, а во 1982 како гостин на Министерството за култура. Главно работи во Француската школа на Атина (École française d’Athènes), во Националната и во Генадион библиотеката; во 1999 година престојува во Атина како гостин на Француската археолошка школа.
Учествувала во повеќе археолошки ископувања; Данило кај Шибеник (1959–1962), Мулине на островот Углјан (1959), во Стоби (1963, 1974), во Скупи (1971) во Тетово (1979), во Дебреште кај Прилеп (1965), во Охрид на поликонхалната црква на Плаошник (1960–1963). Акад. Вера Битракова-Грозданова реализирала и повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самоилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – Св. Никола (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – Св. Мартинија, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008).
Научниот интерес е усмерен кон проучување на занаетчиството( керамографијата, јувелиството, тореутиката) ,на верувањата со уметничкото творене и урбаните процеси vo antikata.Во особен придонес се вбројуваат и истражувањата од ранохристијанската археологија.
Во периодот 1998–2002 година е член на Одборот за возобновувањето на црквата Св. Климент – Св. Пантелејмон, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и член на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкцијата на светиот објект, а од 2007 година е научен раководител на ископувањата на Плаошник и член на Одборот за возобновување на „Свети Климентовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид. Главен уредник на списанието Macedoniaе аcta аchaeologica -Skopje e од 1988-1996, член на Советот на меѓународниот истражувачки центар во Пула и на списанието Histria Antiqua –Пула e од  1994-2011.
Акад. Вера Битракова-Грозданова е автор на повеќе од 150 научни трудови; организатор и учесник е на многубројни меѓународни научни собири.
Акад. Вера Битракова Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија: на наградата „Гоце Делчев“ како врвно републичко признание за обемната студија „Спомениците од хеленистичкиот период во СР Македонија“ во 1988 год, на престижната европска награда HerderPreise, доделена од Универзитетот од Виена според фондацијата Alfred Toepfer Stiftung F. V. S., во 1999год, за достигнувања во науката од сферата на историјата на уметноста и ранохристијанската археологија, како и за запознавањето на светот со спомениците од Македонија, на Републичката награда „Климент Охридски“ во 2007 за достигнувања во областа на културата. Георгиевски медал Golden Fortuna“Чест, Слобода, Труд“ за 2003 год.и е доделена од Internacional Academie Rating of Popularity од Киев.Во 2004 доделена и е Spomenica од Меѓународниот истражувачки центар за археологија, Медулин-Пула, за унапредување на културната и научната  соработка од областа на археологијата. Во 2013 Нумизматичкото друштво ПАИОНОН и доделува Плакета    за развојот на нумизматиката во Р.Македонија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 27 мај 2009 година.

Библиографија