Иван Минати е роден на 22 март 1924 година во Словенске Коњице. Гимназија завршил во Љубљана, каде го затекнале фашистичката окупација и почетокот на Војната. Во почетокот на 1944 година заминува во партизани. По ослободувањето на земјата студира славистика на Универзитетот во Љубљана каде што дипломира во 1952 година. По дипломирањето работи како уредник на одделни списанија и ревии и како главен уредник на познатата издавачка куќа „Младинска књига”, каде останува се до пензионирањето.
Со литература Иван Минати почнува да се занимава уште во гимназиските денови, продолжува во партизани, а по Војната целосно им се посветува на поезијата и преведувањето, создавајќи значаен литературен опус за кој ги добива највисоките национални награди и признанија.
Неговото високо место во словенечката поезија му обезбедува место во Словенечката академија на науките и уметностите, чиј редовен член е од 1991 година.
Поезијата на Иван Минати е објавувана во сите словенечки списанија и ревии, како и во антологиите на словенечката и југословенската поезија. Преведувана е на српски, хрватски, македонски, германски, италијански, француски, англиски, руски, чешки, словачки, полски, унгарски, белоруски, грчки, грузиски и други јазици. Ги има објавено следниве збирки поезија: „Ѕ poti” (1947), „Pа bo pomlad prišla” (1955), „Nekoga moraš imati red” (1963), „Veter poje” (1963), „Bolečina nedoživetega” (1964), „Pesmi” (1971), Obraz” (1972), „Pesmi” (1977) и други.
Истовремено, Иван Минати е истакнат преведувач на повеќе српски, хрватски, чешки, словачки, албански, француски, руски и други писатели од кои има објавено повеќе книги поезија и проза.
Особено е значајно ангажирањето на Иван Минати во преведувањето на македонската поезија што ќе го афирмира како нејзин најзначаен промотор на словенечки јазик. Ги има преведувано Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски, Коста Рацин, Матеја Матевски, Душко Наневски, Гане Тодоровсќи, Радован Павловски, Петар Т. Бошковски, Србо Ивановски, Богомил Ѓузел, Анте Поповски, Атанас Вангелов и други. Како добар познавач на македонскиот јазик, тој стана најголем приврзаник на нашата современа поезија, преведувајќи ја со многу усет, со љубов и пасионирано веќе четири децении.
Истовремено, Иван Минати е преведуван и на македонски и преку преводите на неговите три збирки поезија тој воспостави богат творечки контакт со македонската поезија.
На 21 април 1994 година е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.