Датум на раѓање:
21 октомври 1934
Место на раѓање:
Велес
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2000
Институции:
Област на работа:

Биографија

Илија Васков е роден на 21 октомври 1934 година во Велес. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирал (1959) како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Подоцна (1966) завршил и медицински студии.

За асистент по предметот максилофацијална хирургија на Стоматолошкиот факултет во Скопје бил избран во 1961 година. Специјалистичкиот испит го положил во 1969 година и e прв специјалист од оваа област во нашата Република. Васков престојувал подолго време на специјализација и усовршување надвор од земјата: осум месеци на Клиниката во Љубљана кај акад. проф. д-р Челешик, исто толку време има поминато во Берлин на Клиниката на познатиот проф. Штелмах, потоа кај проф. Обгевезер во Цирих и кај проф. Френкел во Франкфурт. Подоцна имал покуси престои кај овие реномирани професори.

Проф. Васков бил избран за предавач на Факултетот во Скопје (1965), хабилитирал на тема „Терапија на долновиличните фрактури“ (1971). Следната година бил избран за доцент, а за вонреден професор во 1977 година. Докторирал во 1981 година на Воено-медицинската академија во Белград на тема „Вредностите на компресионите остеосинтези“. Редовен професор e од 1982 година.

Повеќе од 25 години бил директор на Клиниката за максилофацијална хирургија. Во меѓувреме бил и директор на Универзитетскиот центар за медицински науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Проф. Васков e основоположник на современата максилофацијална хирургија кај нас и има голем придонес за нејзиниот развој и афирмација. Перманентно e присутен во сите важни научно-стручни настани во својата комплексна медицинско-стоматолошка област и успешно ги применува најновите светски достигања во оваа дисциплина. Ja воведува и развива до највисоко ниво реконструктивната функционална хирургија на бројните конгенитални и други малформации и деформитети во анатомски сложената максилофацијална регија.

Истовремено ja разработува и збогатува хирургијата на туморите на главата и вратот, како и трауматологијата на ова комплицирано подрачје, посебно од функционален и естетски аспект. Постигнатите хируршки резултати се извонредно добри и не заостануваат во однос на оние во другите развиени центри надвор од земјата.

Покрај редовните контакти со водечките странски центри од неговата струка, проф. Васков има соработка и со сродните и блиски хируршки гранки на Медицинскиот факултет во Скопје: оториноларинголошката, неврохируршката, пластичната хирургија, трауматологијата и други, при што учествувал на заеднички научни проекти и собири.

Своето богато клиничко искуство проф. Васков го има презентирано во повеќе од 120 научни и стручни труда објавени во земјата и во странство. Учествувал на бројни домашни и меѓународни научни собири во Скопје, Охрид, Белград, Љубљана, Атина, Берлин, Цирих, Франк-фурт, како и во Малезија, Турција, Јапонија, Вашингтон, Хелсинки и други, на тој начин придонесувајќи за расветлување и разрешување на некои клучни проблеми од својата област.

Покрај бројните публикации. Васков е автор и на повеќе монографии: „Трауматологија во максилофацијалната регија“, „Остеосинтезата во максилофацијалната хирургија“, „Хируршки третман на хејлогнатопалатосхизит“, Атлас по максилофацијална патологија и хирургија, Рендге-нолошки атлас на болестите на максилофацијалната регија и др.

Како афирмиран стручњак и научник, тој е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело, наградата на Град Скопје „13 Ноември“, наградата „7 Април“ за севкупниот придонес за унапредување на медицинската наука и здравството во Република Македонија и градот Скопје, како и наградата „Гоце Делчев“.

Проф. Васков е редовен член на Европската асоцијација за максилофацијална хирургија веќе подолго време.

Починал на 11 декември 2014.

Библиографија