Роден е на 6 ноември 1906 година во Штип во сиромашно занает- чиско семејство. Основно училиште и седум класа гимназија завршил во Штип во 1924 година. Воена академија завршил во 1927 година, а од 1931 до 1933 година ја завршува Вишата воена академија во Белград. Од 1935 до 1938 година ја завршува Генералштабната припрема (Академија). Паралелно со ова, завршува и два радио-телефонски курса.
Како активен офицер на бившата Југословенска војска, службувал во Штип, Белград, Земун, Сушак, Огулин и Љубљана.
Учесник во НОБ е од 1941 година, отпрвин како член на Покраинскиот штаб за Македонија, а подоцна, од 1942 година, како командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Од 1945 до април 1946 година е помошник-началник на Генералштабот на ЈНА, потоа, до есента 1952 година, командант на Армијата во Сараево. Од есента 1952 до септември 1955 година е началник на Вишата воена академија, а до јуни 1958 година е началник на пешадијата на ЈНА. Пензиониран е како генерал-полковник.
Од јануари 1965 година е директор на Институтот за национална историја.
Покрај воени функции, заземал и разни политички и општествепи функции. На Второто заседание на АВНОЈ во Јајце е избран за член на Претседателството на АВНОЈ, а потоа — и на Третото заседание на АВНОЈ. Од 1945 до 1963 година е пратеник во Сојузното собрание. На Првото и на Второто заседание на АСНОМ е член на Претседателството, а од 1945 година двапати е пратеник во Народното собрание на Македонија. Бил член на ЦК КПМ од 1948 година до Вториот конгрес на КПМ. Заземал разни функции во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија и во Сојузот на борците од НОБ.
Учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и во странство со реферати и дискусии.
Одликуван е со повеќе домашни и странски одликувања, меѓу кои и со Орден на народниот херој и Орден на Републиката со златен венец. По повод 70-годишнината од животот, за исклучителни заслуги во Народноослободителната борба и за значителен придонес во изградбата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, одликуван е со Орден на народното ослободување.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 18 август 1967 година, а од 24 декември 1975 година се наоѓа на должноста претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
Во 1968 година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите, во 1976 за почесен член на Друштвото за наука на Косово, а во 1977 година за дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите.
Починал на 7 август 1987 годинa.