Датум на раѓање:
2 октомври 1927
Место на раѓање:
Штип
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Вонреден професор на Економскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Теорија и политика на стопанскиот развој и Политика и економика на инвестициите

Биографија

Никола Кљусев е роден на 2 октомври 1927 година во Штип. Бил економист, научен истражувач, универзитетски професор, општественик, државник, литерат, академик. Основно училиште и гимназија завршил во родното место. Дипломирал на Економскиот факултет во Белград (1953), каде што го одбранил докторатот од областа на економските науки (1964). По дипломирањето се вработил (1953) во Институтот за научни истражувања во индустријата на НРМ во Скопје, прво како стручен, а потоа бил унапреден во виш стручен соработник (1960). Во 1961 г. се префрлил на Економскиот институт во Скопје како научен и подоцна виш научен соработник (1964). Во Институтот објавил пет книги и работел на повеќе истражувачки проекти. На Економскиот факултет во Скопје е избран за вонреден (1968) и за редовен професор (1972). Бил раководител на постдипломските студии од областа на економскиот развој и економската анализа. Бил член на Економскиот совет на СФРЈ и на Економскиот совет на СРМ; член на Централниот одбор и на Научната секција на Сојузот на економистите на Југославија, претседател на конзорциумот на економските институти и член на редакцијата на списанието „Економист“. Бил главен и одговорен уредник на списанието „Стопански преглед“. Избран за декан на Економскиот факултет во Скопје (1985–1987). Во следната година е избран за член на МАНУ (1988). Станува претседател на првата демократска Влада на самостојна Република Македонија (1991–1992). Избран за претседател на Националната конвенција на Македонија (1994) и на Советот на ВМРО-ДПМНЕ (1997). Ја извршувал функцијата министер за одбрана во Владата на РМ (2000). Избран е за раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ (2002). Негова преокупација се теориските и методолошките аспекти на инвестициските и развојните проблеми. Во оваа област ги остварил сите научни степени, од докторирањето до изборот за академик. На Економскиот факултет во Скопје првпат воведува две значајни научни дисциплини, поставени на модерни основи: теорија и политика на стопанскиот развој и инвестиции – теорија, политика, економика – оценување и избор. Неговите трудови се незаобиколни референции за развојната економија и инвестициите во нашата земја и пошироко. За двете дисциплини има објавено учебници што се користени на сите универзитети во поранешна Југославија. Бил ментор на десетици магистерски и докторски дисертации. Покрај наставата и постдипломските студии на повеќе универзитети, тој раководел или работел на бројни домашни и меѓународни проекти. Неговиот опус брои повеќе од 300 релевантни референци: книги, статии, студии, анализи, елаборати и проекти, кои зафаќаат скала од микроекономски анализи и оценки до макростратегиски, теориски елаборации и емпириски студии. Бил на специјализации и студиски престои во САД (Фордова фондација на универзитетите „Колумбија“ во Њујорк и „Беркли“ во Сан Франциско), во Велика Британија (на Универзитетот „Сасекс“ во Брајтон и на Лондонската економска школа), во Академијата на науките на Советскиот Сојуз во Москва и во Академијата на науките во Полска во Варшава, во Меѓународната банка за обнова и развој во Вашингтон и др. Учествувал на меѓународни конгреси на економистите во Монтреал, во Мадрид и во Будимпешта. Во рамките на меѓународниот проект „Инструменти на научнотехнолошката политика“ (СТПИ) престојувал во повеќе земји (Барбадос, Бразил, Венецуела, Мексико, Египет, Индија, Кореја, Јапонија, Англија). Во областа на литературата објавил книги поезија, есеи и проза. Во нив се манифестира и запис на ангажиран интелектуалец и општественик.

Починал на 17 јануари 2008 година.

Библиографија