Датум на раѓање:
22.02.1958
Место на раѓање:
Кавадарци
Членство во МАНУ:
Дописен член, 2018
Институции:
Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип
Област на работа:
Редовен професор

Биографија

Доп. член Блажо Боев е редовен професор по група предмети од областа на геологијата (петрологија, минералогија и геохемија) на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” (УГД) во Штип. Тој е еден од најафирмираните истражувачи-научници во полето на науките за Земјата, односно во полето на геологијата од Р. Македонија и на поширокиот европски и балкански простор.
Роден е на 22 февруари 1958 год. во Кавадарци, каде што завршил основно и средно гимназиско образование. Во 1976 год. се запишал на Рударско-геолошкиот факултет во Белград на Одделот за геологија, насока Истражување на минерални суровини, и истиот го завршил во 1980 год. со висок просек за што добил и награда по повод 100-годишнината на геолошката наука во Србија. Во 1980 год. се вработил како дипломиран инженер-геолог во Индустријата за никел, челик и антимон „ФЕНИ” – Кавадарци, а истовремено се запишал и на постдипломски студии од научната област петрологија, минералогија и геохемија на Рударско-геолошкиот факултет во Белград. Во 1981 год. е избран во звање помлад асистент по група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) – Скопје. Магистерскиот труд „Метаморфизам на рудната серија ’Ржаново – Студена Вода“под менторство на акад. проф. д-р З. Максимовиќ го одбранил во 1982 год., со што се стекнал со звање магистер на геолошки науки. Во 1983 год. е избран во звање асистент на група предмети од областа петрологија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Од 1984 до 1986 год. ја извршувал и функцијата директор за развој во „ФЕНИ“ – Кавадарци. Во 1986 год. преминал на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и се стекнал со звање асистент. Докторската дисертација „Петролошки, геохемиски и вулканолошки карактеристики на вулканските карпи од Кожуф Планина“ под менторство на проф. д-р Р. Стојанов и акад. проф. д-р С. Карамата ја одбранил во 1988 год. на Рударско-геолошкиот факултет во Штип (на УКИМ – Скопје), со што се стекнал со научното звање доктор на технички науки.
За време на изработката на докторската дисертација, доп. член Блажо Боев во неколку наврати престојувал во ИГЕМ Институтот за геохемија и минералогија при Академијата на Руската Федерација во Москва, каде што ги изработил сите неопходни лабораториски истражувања кои се поврзани со предметот на неговата дисертација.
Во периодот 1990-2000 год., доп. член Блажо Боев во повеќе наврати остварил постдокторски престои на Институтот „Max-Planck“ во Мајнц – Германија на Одделот за геохемија и космохемија кај проф. д-р Волфганг Тод, на истражувања кои се поврзани со реализацијата на проектот за детекција на неутрината со потекло од Сонцето со примена на минералите на талиумот од наоѓалиштето Алшар.
Во 1989 год. е избран во звање доцент по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 1994 год. е избран во звање вонреден професор на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Во 1998 год. е избран во звање редовен професор по група предмети од областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата, а во 2003 год. повторно е избран во звање редовен професор.
Важно е да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во оформувањето на образовната и научната физиономија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип партиципирајќи во највисоките органи на факултетот. Имено, во периодот 1989-93 год. ја извршувал функцијата продекан за научноистражувачка работа и финансии, а во 1993 год. е избран и на функцијата декан на Рударско-геолошкиот факултет во Штип и на истата останал сѐ до 1997 година. Неоспорни и видливи се резултатите што во овој временски период ги остварил доп. член Блажо Боев како декан на факултетот во поглед на неговото профилирање и неговото место во рамките на УКИМ – Скопје. Во периодот 1997-99 год. ја извршувал и функцијата универзитетски координатор за дисперзираните факултети во Штип (Рударско-геолошки и Педагошки факултет), кои се дел на УКИМ – Скопје.
Доп. член Боев е активен учесник во конципирањето на интердисциплинарните студии за инженеринг на животната средина при Машинскиот факултет (на УКИМ – Скопје), каде што бил и наставник по научната дисциплината Геохемија на средината, којашто за првпат ја вовел во образовниот процес, а истовремено и во полето на истражувањата како составен сегмент на науките за Земјата.
Добитник е на Државната награда за наука „Гоце Делчев”: за 2002 год. (за монографијата „Тектоника на плочи и магматизам”, со Д. Миловановиќ), за 2008 год. (за монографијата „Геохемискиот атлас на Велес и неговата околина”, заедно со Т. Стафилов, Р. Шајн, З. Панчевски, М. В. Фронтасјева, Л. П. Стрелкова) и за 2013 год. (за монографијата „Minerals from the Republic of Macedonia with introduction to Mineralogy”, заедно со акад. Глигор Јовановски и проф. д-р Петре Макрески).
Доп. член Блажо Боев е претседател на Македонското геолошко друштво (МГД) од 2006 год., како и претседател на Националниот комитет за карпато-балканската геолошка асоцијација на Р. Македонија (CBGA). Исто така, член е и на Националниот комитет за корелација во геологијата при УНЕСКО (IGCP). Член е на Уредничкиот одбор на научните списанија „Geologica Macedonica“ и „Geologica Balcanica“, а активен рецензент е на научното списание „Geologica Croatica“. Како претседател на МГД) ги организирал трите конгреси на геолозите на Р. Македонија во 2008, 2012 и 2016 година.
Доп. член Боев е активен промотор за воведувањето на новите лабораториски методи во полето на науките за Земјата. Во 1996 год. за првпат во Република Македонија ја формира Лабораторијата за ICP-AES, а во 2009 год. и Лабораторијата за ICP-MS техниките и нивната примена во геолошките истражувања и истражувањата во науките за Земјата и геохемијата на средината. Продолжувајќи во оваа насока, тој во 2011 год. ја формирал и Лабораторијата за електронска микроанализа и EDS техники.
Треба да се спомене дека доп. член Боев активно учествувал и во формирањето на државниот УГД – Штип и тоа партиципирајќи во неговите највисоки органи. Од 2007 до 2015 год. бил проректор за наука на УГД – Штип. Во овој период тој е активен промотор на поголем број иницијативи кои се воведени на УГД – Штип во насока на зајакнување на научните капацитети (формирање на истражувачки лаборатории и на научен фонд, воведување на флексибилно работно време во насока на зголемување на научната активност на наставниците и др.). Од септември 2015 год. е ректор на УГД – Штип.
Доп. член Боев во својот досегашен работен век од 36 год. е исклучително плоден автор, а истовремено и научен работник со огромна меѓународна научноистражувачка активност. Резултат на оваа огромна меѓународна активност се бројните научни публикации во врвни меѓународни списанија и списанија со фактор на влијание, монографски изданија и реализирани научноистражувачки проекти.

Библиографија