ВАЛЕНТИН МИРЧЕСКИ е редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Роден е во Прилеп во 1966 година. Академската кариера ја започнал во 1992 година, како стручен соработник на Заводот за Општа и неогранска хемија. Докторирал на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, Хрватска, во 1999 година, со тема од област на електрохемија, под менторство на д-р Миливој Ловриќ – еден од водечките теоретичари на модерните електрохемиски техники. После докторирањето, избран од престижната научна фондација Александер фон Хумболт, заминал на постдокторски истражувачки престој во Германија, во групата на познатиот електрохемичар Фриц Шолц, на Универзитетот во Грајфсвалд.
Во фокусот на неговиот научен интерес е теоретско и експериментално изучување на електродни механизми и електродна кинетика со примена на пулсни волтаметриски техники, изучување на процеси на пренос на полнеж низ течни мембрани, електрохемија на биохемиски важни соединенија, електрокатализа и електроанализа. Досега објавил 147 научни трудови од кои 127 се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание. Според SCOPUS базата на податоци во периодот од 1994 до 2021 година неговите трудови вкупно се цитирани 2757 пати, во 1381 труд, со вкупен фактор на влијание h = 31 (Hirsch – фактор). Според анализата на Стенфорд универзитетот објавена во 2020 и 2021 година, Мирчески е рангиран во редот на 2% највлијателни научници на глобално ниво.
Покрај тоа, Мирчески е прв автор на специјализирана монографија посветена на една од најнапредните електроаналитички техники (Square-wave voltammertry: theory and application, Valentin Mirčeski, Šebojka Komorsky Lovrić and Milivoj Lovrić, (Ed.) F. Scholz. Springer Verlag, Heidelberg, 2007), објавена по покана уредникот; учествувал и во подготовката на првиот речник за електрохемија (Dictionray of Electrochemistry, (Eds.) A.J. Bard, G. Inzlet, and F. Scholz, Springer Verlag, Heidelberg, 2008), а е коавтор и на поглавја во монографии за електрохемија на полски јазик.
Мирчески бил учесник во голем број проекти, а досега бил раководител или национален координатор на повеќе проекти, поддржани од германските фондации Александер фон Хумболт и DAAD, НАТО алијансата во рамките на програмата Наука за мир, CEEPUS и COST програмите на Европската Унија, Националниот центар за наука на Република Послка итн.
Досега презентирал голем број трудови на меѓународни и домашни научни манифестации, а бил поканет предавач на четири меѓународни конгреси за хемија и електрохемија. Во 2018 година, со целосна финансиска поддршка на фондацијата Александер фон Хумболт организирал меѓународна научна манифестација насловена „At the door of European Union: The role of the science and research for sustainable development of the Balkan region.“ Како резултат на неговиот меѓународен академски углед Мирчески во неколку наврати бил избран за гостин-истражувач на Универзитетите во Брест (Франција) во периодот од 2004 до 2006 година и бил визитинг професор на универзитетот во Лоѓ (Полска) во периодот од 2006 до 2021 година. Моментално е визитинг истражувач на Универзитетот во Лоѓ.
Мирчески е истражувач со исклучително развиена меѓународна соработка што се гледа од проектната соработка и од научните трудови објавените со 129 коавтори, од кои најголем дел се реномирани истражувачи од академски институции ширум Европа. Во периодот од 1995 година досега, континуирано остварувал научноистражувачки престои во голем број земји. Моементално соработува со водечки истражувачки групи од областа на електроаналитичката хемија, како што е на пример групата на професорот Ричард Комптон од Универзитетот во Оксфорд.
Тој е добитник не неколку домашни и меѓународни награди. Во 2006 година, Француското хемиско друштво и Европската асоцијација за електроаналитичка хемија му ја доделила наградата “ESEAC 2006 Young Investigator Award”, за најдобар истражувач на возраст до 40 години и особен придонес во областа на електроаналитичката хемија на меѓународниот конгрес за електроаналитичка хемија што се одржал Бордо, Франција. Во 2008 година ја добил државната награда „Гоце Делчев“ за особен придонес во развојот на науката на Република Македонија. Во 2018 година добил посебно одликување на Универзитетот во Лоѓ (Полска), „Medal Universitatis Lodziensis Amico“ заради долгорочната соработка и плодната научна публицистика, а во 2021 година бил избран за најуспешен истражувач од подрачјето на природно-математичките науки за 2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од активностите со пошироко општествено значење, важно е да се напомне дека професорот Мирчески е основач на алумни асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“, здружение коие ги обединува корисниците на стипендии на овие две престижни фондации и други членови на нашата академска заедница кои дале придонес за научниот развој на земјата и нејзиниот академски углед на меѓународен план. Со ова здружение Мирчески организирал бројни домашни и меѓународни манифестации со цел подигање на академската и општествена свест за важноста на научноистражувачката дејност во Македонија.