• Телефон

    +3892 3239 057

  • Email

    gpetreski@ukim.edu.mk

Датум на раѓање:
31.08.1953
Место на раѓање:
Крушево
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Економски науки (економски развој, инвестиции, економија на работната сила, меѓународни економски проблеми)

Биографија

Акад. Гоце Петрески е роден на 31 август 1953 година во Крушево. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, на тема поврзана со економската теорија на Џон М. Кејнз. Завршил постдипломски студии од областа на економскиот развој и методите на економска анализа. Во 1983 година го одбранил магистерскиот труд Кост-Бенефит анализата и нејзината примена во оценката на инфраструктурни проекти. Како стипендист на ООН, завршил и постдипломски студии од областа на развојот и населението на Универзитетот “Јавахарлал Нехру“ од Њу Делхи во Индија. Докторирал на тема Теоретско методолошките основи на анализата на развојните цели и оценувањето на проектот”.
Во својата кариера акад. Гоце Петрески сукцесивно минал низ сите наставно-научни звања, од помлад асистент до редовен професор. Негово поле на научен интерес се економскиот раст и развој, инвестициите, економијата на трудот и меѓународните економски проблеми. Настапувал на повеќе универзитети. Визитинг-професор е на Универзитетот во Загреб. Акад. Петрески течно говори англиски и француски јазик, а активно познава уште неколку странски јазици.
Aкад. Гоце Петрески остварил повеќе студиски престои во: Хаг, Токио, Сеул, Стокхолм, Лондон, Бон, Луксембуг и Бриж. Остварил учество на голем број меѓународни научни собири, симпозиуми и семинари во Лондон, Тривандрум, Женева, Вашингтон, Стокхолм, Варшава, Хаг, Сантандер и др., како и на меѓународни конференции во Кран Монтана, Давос, Њујорк, Сингапур, Женева, Лион, Сиетл, Јоханесбург, Бангкок, Стокхолм, Осло и др. Учествувал на повеќе меѓународни конференции, симпозиуми, работилници, научни собири и семинари во: Букурешт, Клуж-Напока, Атина, Осло, Евиан, Берлин, Лион, Солун, Каиро, Волос, Прилеп, Охрид, Скопје, Бон, Луксембург и Бриж. Акад. Петрески настапувал и посетувал повеќе обуки во странство, поврзани со различни економски области и, меѓу другото, стекнал дипломи, сертификати и признанија во: Тривандрум, Индија 1990; Сеул, Јужна Кореја, 1991; Токио, Јапонија, 1993; Бон, Германија, 1993; Скопје, 1994 и Луксембург, 2006.
Покрај академската кариера, акад. Петрески, извршувал високи државни функции, меѓу другите и министер за развој во првата Влада, по осамостојувањето на Република Македонија (1991–92) и амбасадор на Република Македонија при ООН (1994–2000). Исто така, извршувал високи меѓународни функции: претседавач на Економскиот и финансискиот комитет на 50-то јубилејно Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк (1995–96); претседател на Бордот на UNCTAD (Конференција на Обединетите нации за трговија и развој) (1997–98), во Женева; главен преговарач за пристапување на Република Македонија во Светската трговска организација (WTO); учествувал од самата иницијатива и во целосниот тек на преговорите со ЕФТА; бил координатор на економската група за сукцесија во Брисел, Хаг и Женева; координатор и коавтор на Антиинфлациската програма, 1992; бил и консултант на Европската банка за обнова и развој од Лондон (Еuropean Bank for Reconstruction and Decvelopment); член на меѓународната Blue Ribbon-комисија за реформи и на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Истовремено, тој извршувал и значајни советнички улоги при премиери на Владата на Република Македонија, гувернерот на Народната банка и претседателот на Република Македонија.
Добитник е на највисоката државна награда „Гоце Делчев“, за труд од областа на науката, за 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.