• Телефон

    +389 2 245 8106

  • Email

    gjorgiev.dragi@yahoo.com

Датум на раѓање:
28.04.1963
Место на раѓање:
Струмица
Членство во МАНУ:
Дописен член, 2015
Институции:
Научен советник во Институтот за национална историја во Скопје
Област на работа:
Историски науки (османлиски период)

Биографија

Доп.член Драги Ѓоргиеве роден на 28 април 1963 година во Стру­мица. Во 1986 година дипломирал на Катедрата по историја на Фи­лозоф­скиот факултет при Уни­вер­зитетот „Св. Кирил и Мето­диј“ во Скопје, а во 1988 година се вработил во Ин­ститутот за на­цио­нална историја како помлад асис­тент. Истата го­ди­на се запишал на Катедрата за ори­ентални ја­зи­ци на Филозоф­скиот фа­култет на Универ­зи­­те­тот во Са­ра­ево, каде дипломирал во 1991 годи­на.По враќањето во Скопје магистрирал во 1995 година на катедрата по исто­рија на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема „Скопје од турското освојување до крајот на XVII век“. Истата година бил избран за асистент во Одделението за османо-турски период во Инсттитутот за национална историја. Во 2004 година на Уни­вер­зитетот „Св. Кирил и Мето­диј“ во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Населението во маке­донско-албански пограничен појас во XV и XVI век“. Истата година бил избран за научен соработник, во 2007 за виш научен соработник, а во 2010 година за научен советник во Одделе­нието за османо-турски период во Институтот за национална историја.Од 2012 година доп.член Драги Ѓоргиев е директор на Институтот за национална историја.
Научноистражувачката дејност на доп.член Ѓоргиев е фо­ку­сирана на проучување на османлискиот период, при што досега об­јавил 35 монографии и зборници на документи, повеќе од 50 статии во разни списанија и зборници, учествал на неколку десетици до­маш­ни и  меѓународни симпозиуми, активно партиципирал во домашни и меѓународни научни проекти и бил ментор на повеќе докторски и ма­гистерски тези. Во однос на неговите публикации посебно внимание при­вле­кува едицијата Турски документи за ис­торијата на Македонија, во издание на Државниот архив на Репуб­лика Македонија, во која досега се публи­кувани осум тома османлиски пописи кои се однесу­ваат на маке­донската историја од XVI и XIX век. Покрај овие пописи кои имаат, пред сé, демографско-еко­номски карактер, доп. член Ѓоргиев, благодарение на неговото одлично познавање на османлискиот турски јазик, преведува и објавува и поединечни документи и книги од османлиска проевениенција кои се однесуваат на историјата на Македонија во доцниот османлиски период. Кон оваа преведувачка дејност на доп.член Ѓоргиев треба да се додадат и двата зборници „Британски документи за историјата на Македонија“, том IV и V, (1857-1900). Овие волуминозни зборници на преку 1000 страници нудат единствена слика на демографските, политичките и социјалните прилики во Македонија видени со очите на британските дипломати.
Во 2009 година доп.член Драги Ѓоргиев како монографија ја објави својата докторска дисертација Населението во македонско-албан­скиот граничен појас во XVXVI век. Преку неколкугодишно истражување на необјавени исто­риски извори од османлиска провени­ен­ција тој овде ги следи  демографските движења во соодветниот гра­ничен појас, дове­дуваќи ги под прашање веќе утврдените тези во балканските исто­риографии за драма­тични и радикални демограф­ски промени на таа територија во наведениот период. Овој труд, кој е прво такво истражување во ваков обем базирано на релевантни историски извори, претставува извонреден придонес во македонската историографија и, несомнено, предизвика внимание и во историографска јавност. Интересот за оваа тема беше потврден и со обја­вувањето на статија за Населението во маке­донско-албанскиот гра­ничен појас во XVXVI век, на германски јазик во познатото гер­ман­ско списание за проучување на Југоисточна Европа – Südost – Forschu­ngen (2008). Истата година на македонски и на англиски јазик тој го објави текстот за историјата на македонскиот народ во време на османлиското владеење во изданието на Институтот за национална историја Кратка историја на македонскиот народ.
Истата година во зборникот Балканите меѓу традицијата и модер­носта, објавен во Софија, ја публикуваше статијата Админи­стра­тивната структура на Солунскиот, Битолскиот и Косов­скиот вилает во вторта половина на XIX век, што претставува досега најцелосен и најисцрпен преглед на историјата на фор­ми­рањето и организирањето на овие три вилаети во кои била опфатена целата територија на Македонија. Важно е да се напомне дека овој труд беше резултат на меѓународниот проект: Административните, социјалните и културните институции во балканските осман­лиски провинции во XVIII и XIX век, поддржан од Министерствата за образование и наука на Р Македонија и на Р Бугарија, а во соработка на Институтот за национална историја и Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките, каде главен носител од македонска страна беше доп.член Драги Ѓоргиев.
Во периодот од 2010 до 2014 годинадоп.член Драги Ѓоргиев објави уште неколку моногорафии, зборници и статии во земјава и надвор од неа, како што беше монографијата за охридското семеј­ство Охризаде во кое повторно врз основа на османлиска оригинална документација доп.член Ѓоргиев дава краток историјат на ова најпознато охридско османлиско семејство, чии наследници се уште живеат во Охрид. Притоа, доп.член Ѓоргиев загатнува едно важно прашање од про­цесот на формирањето на османлиската аристократија и елита на територија на целиот Балкански Полуостров: дали тоа беше автентична осман­лиска аристократија или станува збор за пред­османлиска христи­јан­ска аристократија која со тек на време се пре­топи во османлискиот свет, прифаќајќи ја исламската вера и станувајќи дел од турскиот етнос. Во овој труд, без да дава апсолутни и исклучителни заклучоци, тој ја разработува тезата за можноста семејството Охризаде, всуш­ност, да претставува старо христијанска семејство, кое припаѓало на средновековната христијанска аристократија од Охрид.
Значајна и актуелна од овој период е и неговата статија за името Македонија во османлискиот период, објавена во Полска, во списанието на факултетот Артес Либералес, на Варшавскиот уни­вер­зитет. Во неа, врз база на османлиски, словенски и извори од друга  провениенција, се дава значењето и прифаќањето на називот Македонија во различни периоди од османлиската доминација.
Покрај научната дејност, доп.член Драги Ѓоргиев одржал предавања на повеќе универзитети надвор од Македонија, учествувал на околу 50 меѓународни и домашни научни симпозиуми, на кои имал свои излагања и учествувал во дискусии за историјата на Југоисточна Европа и Османлиската Империја. Резултатите од неговите учества на конференции во последните четири години тој ги објавил во Бел­град, Софија, Истанбул, Анкара, Варшава, Краков и др.
Од неговите архивски истражувања во Истанбул и во Анкара, кои започна уште во 1993 година, тој досега донел преку 10.000 фото­копии од ос­манлиски документи кои се однесуваат на историјата на Македонија од XV до XX век. Оваа изворна граѓа претставува извон­редна база за про­учување на целиот османлиски период преку оригинална докумен­тација од османлиска провениенција.
Благодарение на неговото сериозно навлегување во проучувањето на османлискиот свет тој стана член на повеќе редакции на меѓународни списанија, на научни институции, како што е Турското историско друштво, и на комисии за одбрана на докторски дисертации.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2015 година.

Библиографија