Ристо Аврамовски е роден на 20 август 1943 година во с. Селци, Струшко. Основното образование го започнува во своето родно место, потоа го продолжува во Дебар, а го завршува во Прилеп. Во Прилеп покрај основното образование, истовремено го посетува и Нижото музичко училиште каде што учи виолина кај професорот Петре Спасески. Средното образование го стекнува во Скопје на Средното музичко училиште – учи виолина на специјалниот отсек, а истовремено и композиција кај истакнатиот композитор Властимир Николовски. Образованието го завршува со главен предмет композиција. Со високо образование се стекнува на Факултетот за музичка уметност во Белград, на одделот за композитори, во класата на композиторот Енрико Јосиф.
Ристо Аврамовски е творец, кој уште во почетокот на 60-тите години ќе го сврти вниманието на македонската и тогашната југосло-венска музичка јавност, одликувајќи се со специфичен, секогаш ево-лутивен приод кон музиката, насочувајќи го својот спектар на сознанија скоро во сите полиња на уметноста и културата. Кон крајот на 60-тите години музичката јавност беше импресионирана од неговите „нови“ стилски видувања во музичкото творештво, што подоцна станаа вистински препознатлив знак на овој автор. Појавата на делото „Четири дела“ за глас и камерен состав, изведено на Охридско лето во 1968 година, ќе го сврти вниманието на публиката и на критиката. Една година подоцна за ова дело ја добива Републичката награда „Млад борец“.
Во 1970 година се појавува симфониското дело „Бибилофонија“ за кое тогашната критика ќе напише ласкави зборови.
Појавата на делата „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“ (1972 и 1974 год.) ќе остават посебни траги во музичкото творештво зашто од нив за првпат ќе се почувствува авторовата творечка енергија, која зрачи од духовните македонски простори. Токму затоа „Психофонија 2“, во 1974 година ќе биде наградена со наградата „13 Ноември“, највисокото признание на град Скопје.
Во творештвото на Аврамовски е вткаен битот на македонското поднебје. Тоа претставува звучна слика на неговото духовно богатство. Фолклорното совршенство тој го трансформира во нов квалитет, земајќи го само есенцијалното од него. На ваков начин Аврамовски му обезбедува бесмртност на фолклорот зашто во неговото творештво тој со ништо не го нарушува неговото совршенство. Овој автор, е еден од ретките македонски композитори, кој фолклорот го користи како знак – препознатлив национален белег.
Делата на Аврамовски по форма се надградуваат на неокласич-ните, со своевиден музички јазик и композициски постапки.
Современите музички струења во Европа во 60-тите и почетокот на 70-тите години ќе извршат посебни влијанија врз неговото творештво, на пример Полската школа. Меѓутоа, тој самосвесно ги чува и негува духов-ните вредности на своето поднебје, трансформирајќи ги на свој специфичен и сопствен јазик. Влијанијата не ги прифаќа како готов факт, туку исклучително како информација, како сознанија за развојот на естетските норми… Вечна е неговата потреба од трагање и експериментирање. Како резултат на таа потреба создадени се поголем број композиции, специфични не само по нивната форма туку и според музичкиот израз, инструмен-тариумот и составот на изведувачите. Посебно може да се издвои и експериментот во радиофонијата како посебна специфика од која се создадени и повеќе дела за овој медиум.
Зборувајќи за творештвото на Аврамовски неизбежно е да се подвлече неговиот посебен придонес пишувајќи музика за театарски претстави, филмска музика, музика за над 80 радиодрами и телевизиски остварувања. Работата во овој жанр и навлегувањето во тајните на драматургијата, подоцна ќе се рефлектира врз правилната поставеност на истата во неговите вокално-инструментални и сценски дела.
Композиторот Ристо Аврамовски и неговото музичко творештво, низ повеќедецениските предизвици ќе се најде на многу простори и во многу концертни сали во повеќе европски и воневропски земји.
Неговото творештво е печатено и издавано во поединечни пар-титури како и во „Антологијата на македонската музика“, потоа албум од 6 плочи, 4 аудио касети и повеќе компакт-дискови, како и во изданијата на Сојузот на композиторите на Македонија, познатата издавачка куќа „Петерс“ од Лајпциг и „Композитор“ од Москва.
Аврамовски е автор на голем број дела, кои ги опфаќаат сите жанрови на музиката: од детската песна, преку соло-песната, хорската музика, солистичката и камерната па преку симфониската, вокално-инструменталната и сценските дела.
Покрај музиката Аврамовски го негува и пишаниот збор. Како долгогодишен музички критичар, почнувајќи од Радио Скопје, па преку весниците „Вечер“ и „Нова Македонија“, го сретнуваме и во списанието „Современост“ каде што со длабок и аналитички пристапи и литерални опсервации ги оценува и ги насочува тековните продукции на музичките творци.
Покрај јасното творечко присуство во полето на музиката и на публицистиката, овој автор дава посебен придонес кон развојот на музичката култура, посебно на манифестацијата „Денови на македонската музика“ со која мошне инвентивно раководеше приближно 16 години. Композиторот Аврамовски бил секретар и претседател на Сојузот на композиторите на Македонија во два мандата.
Покрај споменатите функции во СОКОМ, Аврамовски бил долги години во органите на Сојузот на композиторите на Југославија, бил претседател на Музичката младина на Македонија и потпретседател на Музичката младина на поранешна СФРЈ, претседател на Управниот одбор на ЗАМП – Скопје, долгогодишен член на „Балканскиот музички форум“ (БМФ) со седиште во Атина и претседател на Управниот одбор на Здружението „Балкански музички форум“ – Скопје. Две години ја извршувал функцијата претседател на Комисијата за музика при Министерството за култура на РМ, а од 2003–2006 год. е претседател на Управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“ и негов селектор за музика.
За својата дејност композиторот Аврамовски е носител на бројни домашни и меѓународни награди и општествени признанија.
Избран е за редовен член на МАНУ во Одделението за уметност на 14-тото изборно собрание на МАНУ, во 2006 година.
Починал на 8 јули 2007 година.