Датум на раѓање:
14.07.1935
Место на раѓање:
с. Зубовце, Гостиварско
Членство во МАНУ:
Дописен член, 1988
Институции:
Основач е на фондацијата "Ликовни уметици за Ѓуре Јакшиќ"
Област на работа:
Ликовна уметност

Биографија

Томе Серафимовски е роден 14 јули 1935 година во с. Зубовце, Гостиварско. Основното образование го изучува на албански јазик за време на окупацијата во Втората светска војна, а по ослободувањето продложува со школување на мајчин јазик во гостиварската гимназија. Во 1953 година се запишува во Уметничкото училиште во Сплит, каде под раководство на професорите Марин Студин,, Иван Мирновиќ и др. ги стекнува првите професионални знаења. Едновремено 3 години поминува на работа како сликар-сценограф во Народното казалиште во Сплит. Подоцна своето школување го продолжува на Академијата за ликовна уметност во Загреб на која дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Меѓувреме една година проведува како соработник во мајсторската работилница на својот професор. Од есента 1963 година па до зимата 1965 година работи како професор во гимназијата во Гостивар, а во јануари 1966 година како стипендист на Француската влада заминува на студиски престој во Париз.

Повеќегодишниот престој во Париз остава видливи траги врз творештвото на Серафимовски. За врема на својот престој Серафимовски како соработник на Алција Пеналба учествува во реализација на повеќе скулптури на оваа скулпторка, а во меѓувреме (во 1967 година) организира и своја самостојна изложба во изложбениот салор – Галерија на Бд. Делесер 1. По враќањето од Париз, при крајот на 1969 година, некое време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Од почетокот на 1970 година па се до 1987 година работи во родниот град како директор на Бигорските научно-културни средби и на Домот на културата. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962 година.

Во творештвото на Томе Серафимовски забележителна е концентрацијата врз неколку тематски определби: поблиското и подалечното минато од македонската историја, вклучувајќи ги пообемно македонската духовна преродба и НОБ и интимната пластика на неговото живеење и комуникации. Настојува мошне пластично да ги прикаже најзначајните личности и настани од македонската историја, а во последните години работи врз културната историја на Македонија од 9 век се до денеска, на тој начин актуелизирајќи го нејзиниот мит и стварност. Со иста силина се појавува неговиот афинитет за порттретирање на личности кои играле посебна и важна улога во историјата на светот низ вековите се до денеска.

Томе Серафимовски создал во траен материјал околу 180 скулптури, скици, фигури, портрети, спомен-обележја, како и 10 споменика (од повеќе теми) кои се наоѓаат низ цела Југославија. Во своето тидецениско творештво имал повеќе од 20 самостојни изложби во земјата и во странство. Неговите дела се наоѓаат во повеќе галерии, музеи и приватни збирки во земјата и во странство. Основач е на фондацијата “Ликовни уметици за Ѓуре Јакшиќ”. Носител е на бројни награди.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988 година.

Починал на 3 март 2016 година.

Библиографија