Серафимов, Љупчо (Охрид, 9.II.1930 – Скопје, 11.VI.1995) – специјалист ортопед-хирург, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, академик на МАНУ (од 7.V.1991). Дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб (1956), каде што специјализирал ортопедија (1961) и докторирал (1972). Бил директор на Клиниката и шеф на Катедрата по ортопедија (1974-1995). Реализирал два меѓународни проекта преку преку Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП): „Хируршка превенција на инвалидитетот на локомоторниот систем“ (1983-1988) и „Комплексна превенција и лекување на КДК со регионална организација и едукација“ (1988-1992). Бил поканет предавач во САД, Канада, Куба, Русија, Велика Британија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија. Особено внимание во својата стручна и научна работа посветил на теориските и апликативните биомеханички испитувања на локомоторниот систем, особено на детскиот колк, како и на реконструктивните хируршки интервенции, особено при вродени дислокации. Во 1965 година ја вовел пелвичната остеотомија по Солтер; во 1968 ја имплантирал тоталната протеза на колкот, а во 1978 година го вовел методот на двојна ацетабуларна корекција. Има публикувано 124 трудови.
Починал на 11 јуни 1995 година.