• Телефон

    +3892 3176 429

  • Email

    bozin@westnet.com.au

Датум на раѓање:
07.01.1942
Место на раѓање:
с.Жван
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Област на работа:
Писател

Биографија

Акад. Божин Павловски е роден 1942 година во Жван, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното место, средно во Битола, дипломирал книжевност на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Автор е на 19 високо оценети романи („Миладин од Кина”, „Дува и Болвата”, „Вест Ауст”, „Црвениот хипокрит”, „Уткини соседи”, „Враќање во сказните”, „Подвижни гробови”, „Роман за моето заминување”, „Египетска Сонувалка”, „Патување со Љубената”, „Агонија”, „Мирисите на Доилката”, „Викај ме Гудбај”, „Убавицата и Мародерот”, „Светлечкиот Поток”, „Зима во Лето”, „Рогот на Љубовта”, „Градинар, „Пустина” и „Америка, Америка”), две книги раскази („Фантасти” и „Лудисти”), три книги записи, есеи и колумни („Тага за мојата прва татковина”, „Назад кон Разумот” и „Розово на Црното”), патописот „Македонците отаде Екваторот“. Го напишал сценариото за прославениот филм “Австралија, Австралија”, освојувач на повеќе домашни и меѓународни признанија.
Неговите романи се носители на повеќе домашни и меѓународни книжевни награди и признанија: “Интербалканска награда за книжевност” во Грција, награда “Екселзиор” за унапредување на европската проза во Романија, награда „Железара Сисак” во Хрватска, награда „Младост” во Србија. Две негови дела се носители на „Рациновото признание”, две на наградата “Стале Попов” и две на наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. Ги добил и признанијата „Кочо Рацин”, „Духовен Воин” и „Прозни Mајстори”, потоа „Гоцевата” и „Печалбарската Повелба”.
Неговиот роман “Подвижни гробови” е објавен и во едицијата „Бисери на светската книжевност”, додека „Вест Ауст” е првиот македонски роман објавен на француски јазик во Париз како и на 15 други јазици. Неговиот богат опус доживеал над 60 изданија на други јазици.
Акад. Божин Павловски е троен добитник на највисокото државно признание во Република Македонија, наградата “11 Октомври”: во 1971 година за највисоки дострели во културата и уметноста како основач и раководител на „Мисла”, во 1979 за романот „Вест Ауст” и во 2008 година за животно дело во уметноста. Носител е на Орденот со златен венец за исклучителни успеси во културата и уметноста што се доделуваше во поранешната Федерација.
Во своите дела Божин Павловски е преокупиран со нашата современост и неговата литература претставува една од сеопфатните уметнички слики на социјалната, политичката и духовната ситуација на нашето време, цврсто поврзувајќи се со судбината на македонскиот човек во родната земја и во големата дијаспора.
Акад. Божин Павловски е еден од најпреведуваните македонски писатели на други јазици. За неговото творештво се објавени бројни есеи, студии и критики не само во земјата туку и во странство.
Романите на акад. Божин Павловски оствариле македонска и меѓународна афирмација, како по високите тиражи што заинтересирале бројна читачка публика, така и по извонредните толкувања на најпознати критичари од земјата и од светот.
Неговите раскази се застапени во сите антологии на македонскиот расказ.
За делата и творештвото на акад. Божин Павловски пишувале угледните критичари и есеисти: Милан Ѓурчинов, Георги Старделов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Ката Ќулавкова, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Миодраг Друговац, Владимир Костов, Анте Поповски, Димитар Солев, Петар Т. Бошковски, Ефтим Клетников, Христо Георгиевски, Митко Маџунков, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Веле Смилевски и др., како и видните странски автори: Ален Боске, Пјер Гамара, Дину Фламанд, Јан Кефелек, Питер Крејвен, Кристијан Гидичели, Дарие Новачеану, Артур Силвестри, Света Лукиќ, Чедо Мирковиќ, Марко Недиќ, Срба Игњатовиќ и други.
Акад. Божин Павловски во 1965 година ја основал издавачката куќа „Мисла“, која беше водилка во забрзаниот развој на книгоиздавачката дејност во Република Македонија. Угледниот “Паблишерс Викли” од Њујорк во 1980 година ја вброи меѓу десетте најдобри издавачи во Европа.
Во 1990 година во Мелбурн (Австралија) академик Павловски ја основал издавачката корпорација „АЕА“, која ги издава неделните весници „Австралиско Македонски Денес“ и „Австралиско Македонски Неделник“. Тоа се единствени македонски неделници што излегуваат на слободен пазар надвор од Република Македонија.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996 година.

Библиографија