• Телефон

    +3892 3071 773

  • Email

    bojan@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
26.01.1937
Место на раѓање:
Чачак
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Редовен професор во пензија на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Област на работа:
Хемиски науки

Биографија

Акад. Бојан Шоптрајанов е роден на 26 јануари 1937 година во Чачак. Со основно и средно образование се здобил во Скопје, Велес и Белград. Во 1955 година се запишал на групата за хемија на тогашниот Природно-математички оддел на Филозофскиот факултет во Скопје. Студиите по хемија ги завршил во 1960 година на Природно-математичкиот факултет како најдобар дипломиран студент од својата генерација на Универзитетот. По дипломирањето е избран за асистент на тогашниот Технолошки оддел на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1962 година за асистент на Природно-математичкиот факултет.
Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Indiana University во Блумингтон, САД, а во 1965 година магистрирал одбранувајќи ја магистерската теза под наслов: Vibrational Assignment of the Infrared Spectra of 1,2,5-Thiadiazole. По враќањето од САД продолжува да работи на полето на инфрацрвената спектроскопија и во 1973 година ја одбранува докторската дисертација под наслов Спектроскопско испитување на кристалохидрати со посебен осврт на спектарот на водата; системи со мошне ниски НОН-фреквенции.
Во 1969 година е избран за доцент, во 1975 година за вонреден професор а во 1981 година за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Одржувал настава на додипломски и постдипломски студии по повеќе предмети од објаста на физичката хемија, радиохемијата, историјата и методиката на хемијата. Бил продекан за настава и наука на Хемискиот факултет и проректор за настава и наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил национален претставник во организацијата COST, претставник на МАНУ во Allea, а имал и други слични функции. Соработувал со универзитети во Шведска, Германија,  Украина, Руската федерација, Бугарија, Хрватска и други, како и со Бугарската академија на науките.
Акад. Бојан Шоптрајанов досега има објавено повеќе од 230 научни труда (од кои две третини надвор од Македонија), а на научни манифестации презентирал повеќе од 350 пленарни и секциски предавања и други соопштенија (близу половината надвор од нашата земја). Има објавено и три монографии со научно-стручен карактер, пет монографски изданија со системски карактер, а автор е и на четири универзитетски учебници и помагала, како и на неколку десетини учебници и учебни помагала за средното образование. Неговите позначајни научни трудови се однесуваат на спектроскопското изучување на кристалохидрати, како и на спектроскопските и термодинамичките својства на петчлените хетероциклични молекули. Дал придонес и во изучувањето на минерали и на проблеми од образованието по хемија, а објавил и десетина трудови посветени на јазични проблеми од областа на хемијата. Дел од резултатите на истражувањата имаат и конкретна примена, особено во медицината.
За дописен член на МАНУ е избран на 21 април 1994, a за редовен член на 20 јуни 1996 година. Бил потпретседател на МАНУ (2008–2011), раководител на Одделението за математичко-технички науки (2003–2007) и раководител на Истражувачкиот центар за животна средина и материјали (2014 –). Во 2008 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург, Австрија.
Акад. Бојан Шоптрајанов е основоположник и прв главен уредник на списанието „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија“. Бил претседател на Унијата на хемиските друштва на Југославија и на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Со Одлука донесена во февруари 2016 година е именуван за член на Националниот комитет за проучување на Југоисточна Европа.
За својата целокупна активност на полето на развојот на научната и наставната дејност, акад. Шоптрајанов добил голем број награди, меѓу кои „Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“, „Плакета на Универзитетот Кирил и Методиј” (двапати), „Томазиусов медал“ на Универзитетот во Хале, „Македонскиот крст“ на МПЦ и др. Добитник е и на националната награда „11 Октомври“.

Библиографија