• Телефон

    +389 46 263 256

  • Email

    kanevce@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
03.01.1946
Место на раѓање:
Охрид
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2000
Институции:
Техничкиот факултет во Битола
Област на работа:
Термодинамика

Биографија

Акад. Глигор Каневче е роден на 3 јануари 1946 год. во Охрид. На Машинскиот факултет во Белград дипломирал во 1969 год. Докторирал на Технолошкиот факултет во Нови Сад во 1982 годин. Работел во Институтот „Борис Кидрич – Винча“ од 1970 до 1983 год. и како асистент на Машинскиот факултет во Белград од 1975 до 1980 год. Во периодот од 1983 до пензионирањето во 2011 година е вработен на Техничкиот факултет во Битола, каде што работел како наставник по предметите: Термодинамика, Одржлив енергетски развој, Енергија и околина, Нуклеарни реактори и Индустриски сушари, на додипломските студии и по предметите: Пренос на топлина и маса, Процеси на согорување и пренос на топлина и маса во енергетските постројки, Сушари и Загадување и загаденост на воздухот, на постдипломските студии. Во звање редовен професор е од 1989 година. Во 2013 година е избран за прв Професор емеритус на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Од 1995 до 1997 год. е декан на споменатиот факултет. Од 2007 до 2013 год. е претседател на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија, а од 2012 год. е раководител на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.
Акад. Каневче има објавено над 200 научни и стручни трудови во земјата и во странство, од подрачјето на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката, процесната и мерната техника. Неговата научна и апликативна дејност е изразено мултидисциплинарна, а според доминантниот придонес може да се подели во неколку основни области: теорија на сушење, системи за сушење, мерни методи, флуидизирани слоеви и печки за термичка обработка, процеси со аблација и моделирање во екологијата. Во својот научен опус ги истражувал следните проблеми: мерење на флуктуациите на брзините и температурите кај турбулентните токови со статистичка обработка на сигналите; испитување на термодинамичките и струјни карактеристики на термоагрегати, сушари и други термотехнички апарати и развој на соодветни мерни методи и постројки; експериментално и теоретско испитување на процесите на пренос на топлина и материја во колоидно-капиларнопорозни тела; развој на печки за термичка обработка во флуидизирани слоеви; развој на системи за користење на лигнит и сушари за лигнит; развој на математички модели за пресметка на температурското и брзинското поле на изливот на водата за ладење на кондензаторот кај централите; изучување на процесите на пренос на топлина и маса при струења на гасови со високи температури и брзини кои доведуваат до аблација на ѕидовите; развој на физички и математички модел на скраберски постројки и математичко моделирање на распределбата на полутантите од оџаците на термоенергетските објекти.
Научниот опус на акад. Каневче претставува комбинација на теоретски и експериментални истражувања. За спроведување на експериментите има реализирано поголем број апаратури со соодветни мерни системи. Голем е бројот и на експериментите спроведени на реални објекти. Резултатите од експериментите се вградени во развојот на соодветните физички и математички модели. Неговото обемно научно дело навлегува во подрачјето на фундаменталните истражувања во повеќе области. Од посебно значење се резултатите од неговите теоретски и експериментални истражувања на процесите на сушењето.
Поголем број од трудовите на акад. Каневче имаат директна апликативна намена. Се занимава со развој на мерни методи и системи за мерење на температури, влажности, брзини и протоци кај индустриски постројки. Развиените мерни методи за физички големини од значење во термотехниката имаат широка примена. Особено треба да се истакнат трудовите во кои се изучуваат системите за сушење, чии резултати се преточени во бројни сушари од различен тип и намена. Посебен придонес акад. Каневче остварува во усовршувањето на фамилијата на вертикални сушари за зрнести производи и во усовршувањето и проширувањето на примената на ротопневматските сушари.
Акад. Каневче иницира, раководи и учествува во реализацијата на поголем број научноистражувачки и апликативни проекти и остварува богата меѓународна соработка.
Истражувањата во подрачјето на флуидизираните слоеви резултираа во изведба на индустриска печка за термичка обработка. Изучувањата на конвективни коморни печки за термичка обработка резултираа со идејно решение на печка со хомогено температурно поле. Трудовите од подрачјето на екологијата имаат директна апликативна вредност. Програмскиот пакет MADAM е развиен за потребите на законската регулатива во Македонија и се користи при изготвувањето на еколошки елаборати за моделирање на распростирањето на полутантите од оџаците на термоенергетските објекти. Во последните десетина години, преку Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, акад. Каневче се занимава со реализација на стратешки проекти од национален карактер и витално значење за земјата од подрачјето на енергетиката и нејзиното влијание на околината,
Научниот опус на акад. Каневче содржи високи теоретски, експериментални и апликативни достигања, афирмирани во земјата и странство и верифицирани во индустриската практика. Забележлива е и неговата пионерска улога во организирање на научни истражувања, докторски и магистерски студии и подигање млад научен кадар на Битолскиот универзитет.
Член е на меѓународни и домашни научни совети, комитети и друштва, редакции и организациони одбори на списанија и симпозиуми.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година. Повеќе информации можат да се најдат на веб-страницата.

Библиографија