• Телефон

    +3892 2464 110

  • Email

    fiti@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
07.11.1950
Место на раѓање:
Крушево
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2003
Институции:
Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Економски науки (макроекономија)

Биографија

Таки Фити е роден во Крушево во 1950 година, каде што завршува основно и средно образование. На Економскиот факултет, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дипломирал во 1973 година. Во 1974 година се вработува како асистент по предметот Политичка економија на капитализмот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрира во 1980 година, а докторира во 1983 година, на матичниот факултет, на теми од областа на економскиот развој на земјите во развој. За доцент е избран во 1983 година, за вонреден професор во 1988 година, за редовен професор во 1993 година. По втор пат, за редовен професор е избран во 1998 година. Денес, на редовните студии на Економскиот факултет во Скопје ја предава фундаменталната економска дисциплина – Основи на економијата и дисциплината Претприемништво. Извесен период, на Факултетот ја предавал и дисциплината Развој на економската мисла. Бил раководител на постдипломскиот студиум Економски развој и меѓународни финансии на Економскиот факултет во Скопје. На постдипломските студии на матичниот факултет ги предава предметите: Современи макроекономски концепции и политики; Социјална политика и пазар на труд во ЕУ; Нови можности и претприемништво; и Менаџерска економија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2003 година. Во рамките на МАНУ, бил член на Претседателството,  секретар на Одделението за општествени науки и раководител на Центарот за стратегиски истражувања.
За претседател на МАНУ е избран на 30 ноември 2015 година, а функцијата ја извршува од 1 јануари 2016 година.
Основни подрачја на неговата научна преокупација се: економија (микроекономија и макроекономија), економски раст и развој и претприемништво. Последните дваесет години неговиот научен интерес е сосредоточен на комплексни теми од областа на модерната макроекономска наука – посебно современите макроекономски школи и макроекономски политики (фискална и монетарна).
Акад. Фити е научен работник и истражувач со голем опус на научноистражувачки и стручни трудови. Автор или коавтор е на околу 300 научни и стручни трудови – книги, научни проекти, статии, учебници, студии, монографии и сл. Во најголемиот број објавени трудови (дома и во странство) се јавува како прв автор. Неговите трудови се пишувани на македонски, српско-хрватски, англиски и на француски јазик и објавувани во домашни и во меѓународни списанија.
Таки Фити е автор или коавтор на повеќе од 30 книги. Дел од овие книги во кои тој се јавува во својство на коавтор се објавени во странство, во реномирани странски издавачки куќи – Kluwer Academic Publishers (САД – Велика Британија), Kumarian Press (САД), Access Press (Велика Британија), Springer (САД, Велика Британија) и др. Посебно е значаен и високооценуван неговиот придонес во истражувањето на современите макроекономски школи, кои го чинат јадрото на денешната макроекономска наука, и нивната релевантност за конципирањето на клучните макроекономски политики – фискалната и монетарната. Неговите пет книги од оваа област, објавени во периодот по 2001 година, Современите макроекономски  концепции и политики, Новата микроекономија и државната регулација, Нобеловци по економија 1969 – 2008 (редактор и автор), Феноменологија на економските кризи – современите бизнис-циклуси и антицикличните политики, Кејнзијанската економска филозофија – од Кејнз до денешни дни, одиграа значајна улога во трансферот на знаења од модерната макроекономија, но и во конципирањето на макроекономските политики кај нас.
Академик Фити, како раководител, автор или коавтор, учествувал во изготвувањето на 30 – тина научни проекти од кои 10 меѓународни. Ангажираноста на акад. Фити во изготвувањето на голем број научноистражувачки проекти,  како раководител и автор, исто така, имаат значајно влијание врз конципирањето на макроекономските политики, државната регулација, политиките на поддршка на претприемништвото и др. во Република Македонија. Во овој контекст е значајно да се одбележи дека акад. Фити бил копретседател и коавтор на Синиот извештај за Република Македонија – Bllue Ribbon Commisiion Report (Macedonia) Towards Dynamic and Sustainable Economic Growth – growth supportive policies, United Nations Development Programme (UNDP), Team Liders: Josef Brada and Taki Fiti, Skopje 2006.
Неговите рецензенти (академиците Богоев, Кљусев и Узунов) посебно истакнуваат дека „високата вредност на најголемиот број објавени трудови во поглед на предметот, методите, анализата и валидноста на заклучоците“ е резултат на неговата широка економска едукација, континуираното следење на најновите текови на микроекономската и макроекономската наука, неговите бројни студиски престои (Италија, Германија, Франција, Велика Британија и др.), како и неговите бројни настапи на домашни и на меѓународни научни конференции, конгреси, советувања и сл. (во универзитетските центри на поранешна Југославија, во Париз, Нант, Рен, Вулверхемптон, Лозана, Берлин, Вашингтон, Софија, Букурешт, Киев итн.).
Во доменот на високообразовната дејност, акад. Фити  е втемелувач кај нас на фундаменталната научна дисциплина Основи на економијата и на научната дисциплина Претприемништво. Таки Фити е автор на првиот модерен универзитетски учебник на македонски јазик Основи на економијата (пет изданија). И неговиот учебник Претприемништво (три изданија) е прв од оваа област во Република Македонија, изготвен во коавторство со  Верица Хаџи Василева–Марковска и  Милфорд Беитмен. На 24 ноември 2015 година акад. Таки Фити е прогласен за најдобар универзитетски професор во Република Македонија.
Во доменот на стручната активност треба да се истакне дека акад. Таки Фити, по покана на разни институции, органи и организации, активно учествува во државната, законодавната и другата дејност од општ интерес за земјата.

Aкад. Таки Фити бил:

  • Член на работната група за подготовка на економскиот дел на новиот Устав на Република Македонија;
  • Долгогодишен претседател на Сојузот на економистите на Македонија;
  • Координатор на работната група на Република Македонија за сукцесија на имотот на Федерацијата (поранешна СФР Југославија) и нејзин претставник во работата на Комисијата на ЕУ во Брисел;
  • Декан на Економскиот факултет во Скопје;
  • Министер за финансии во Владата на Република Македонија;
  • Член на уредувачки одбори на три странски списанија со импакт-фактор;
  • Консултант на ОЕЦД, Париз, за проекти за мали и за средни претпријатија во Република Македонија;
  • Советник на македонски премиери и гувернери на НБМ итн.

Акад. Фити е член на Европското друштво за култура (Société Européenne de Culture) и визитинг-професор на Економскиот факултет во Загреб. Од 2017 година е член на Европска академија на науките и уметностите.

Библиографија