Акад. Влада Урошевиќ е роден во Скопје, во 1934 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ, во 1957 година. Докторирал на истиот факултет со тезата „Фантастика и научна фантастика – сличности, разлики и области на интерференцијата“, во 1987 година.
Акад. Урошевиќ е редовен професор во пензија на Филолошкиот факултет во Скопје, којшто со забележлив успех се занимава со повеќе дејности, како на полето на литературата, така и на полето на книжевната наукa.
Со поезија во македонската литература акад. Урошевиќ се јавува во 1954 година. Ги објавил следниве поетски збирки: Еден друг град (1959), Невиделица (1962), Летен дожд (1967), Ѕвездена терезија (1973), Нуркачко ѕвоно (1975), Сонувачот и празнината (1979), Хипнополис (1986), Ризиците на занаетот (1993), Мане, текел, фарес (2002), Тајно злато (2016). Уште од своите почетоци поезијата на акад. Влада Урошевиќ се одделува со своите оригинални акценти и со својата свртеност кон пределите во кои владеат законите на ирационалното и нестварното, поради што критиката ќе го определи сонот како негов домен и белег и ќе го вброи во ретките поети, истражувачи и визионери во македонската литература. Како поет акад. Влада Урошевиќ е застапен во сите антологии на македонската поезија објавени по 1960 година во земјата и странство, како и во „Антологија на светската поезија“ (Турција, 1987), „Златната книга на сонетот“ (Унгарија, 1991) и др.
Во областа на прозата акад. Урошевиќ е автор на шест збирки раскази: Знаци (1969), Ноќниот пајтон (1972), Лов на еднорози (1983), Седмата страна на коцката (2010), Размена на пораки (заедно со Тања Урошевиќ, 2013), Тајна мисија (2013) и пет романи: Вкусот на праските (1965), Мојата роднина Емилија (1994), Дворскиот поет во апарат за летање (1996), Дива лига (2000), Невестата на змејот (2007), како и на книгите прозни записи Алдебаран (1991) и Париски приказни (1998) . Прозните остварувања на Урошевиќ внесуваат во македонската литература не само тематска новост туку и еден нов вид сензибилитет и една нова поетика.
Особен интерес акад. Урошевиќ пројавува за фантастиката, како во литературата, така и во ликовните уметности. За фантастиката во литературата зборуваат неговите книги Подземна палата (1987) и Демони и галаксии (1988), а за фантастиката во сликарството Чуда и чудовишта (2001) и Измислени светови (2003).
Во доменот на книжевниот есеј и книжевната критика Урошевиќ објавил повеќе книги посветени на дела и творци од македонската книжевност. Покрај објавувањето на одделни преводи од српската, словенечката и руската поезија акад. Урошевиќ преведува и од модерната француска поезија, и тоа: целокупното поетско дело на Шарл Бодлер, како и избори од поезијата на Артур Рембо, Гијом Аполинер, Анри Мишо, Пол Елијар, Андре Бретон, Жак Превер, Ален Боске, Лионел Ре. Урошевиќ е исто така составувач на пет обемни антологии на француската поезија, излезени во негов препев. Акад. Урошевиќ за некогашните југословенски простори ги преведувал на српски јазик поетските и прозни книги на Кочо Рацин, акад. Славко Јаневски, акад. Блаже Конески, акад. Матеја Матевски и други.
Опусот на акад. Влада Урошевиќ се состои од над 30 авторски книги, над 40 книги преводи, како и од поголем број антологии и избори. Учествувал, во својство на писател и на научен работник, на повеќе собири и симпозиуми во земјата и во странство.
Книгите на акад. Урошевиќ се преведени на повеќе јазици – англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.
Интересот за ликовните уметности кај акад. Урошевиќ се манифестира низ изработка на дигитални колажи. Во ноември 2013 една голема изложба на овие дела, под наслов „Laterna magica“, е одржана во ликовниот салон на МАНУ.
Добитник е на повеќе награди и признанија, наградата „Младост“, „Нолит“, „Рациново признание“, „Браќа Миладиновци” (трипати), „Григор Прличев“ (двапати) и други. За својот книжевен опус, како и за своите заслуги во преведувањето и афирмирањето на француската литература, прогласен е од владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата а потоа и за офицер на истиот Ред.
Редовен член е на Европската поетска академија (Луксембург) и дописен член е на Академијата Маларме (Париз). Член е на македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија (од 1961). За странски член на Српската академија на науките и уметностите е избран во 2006 год., за член на Словенската литературна и уметничка академија во Варна, Бугарија е избран во 2013 год., а во 2014 год. за член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Австрија.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јуни 1997 година.