• Телефон

    +3892 3469 085

  • Email

    vladom@iunona.pmf.ukim.edu.mk

Датум на раѓање:
04.12.1953
Место на раѓање:
Г.Црско, Кичевско
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје
Област на работа:
Ботаника (систематика и филогенија на виши растенија и фитоценологија)

Биографија

Акад. Владо Матевски е роден на 4 декември 1953 година во Г. Црско, Кичевско. Основното и средното образование го завршил во Кичево. Во учебната 1972/73 година се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група биологија а дипломирал во 1977 година. Магистерскиот труд “Таксономија и хорологија на родот THYMUS L. во Скопската Котлина” го одбранил на Биолошкиот факултет во Скопје (1982), додека докторската дисертација “Таксономија и хорологија на Sect. MARGINATI (A. Kerner) A.Kerner од родот THYMUS L. во флората на СР Македонија” под менторство на акад. Кирил Мицевски, ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Скопје (1987).
Во 1980 година се вработил како приправник на Ботаничкиот институт при Биолошкиот факултет во Скопје, за асистент е избран во 1983 година, за доцент по група предмети од областа на систематиката и филогенија на вишите растенија е избран во 1988 година, за вонреден професор (1993), за редовен професор (1998) и во истото звање е реизбран во 2003 година. Бил раководител на Ботаничкиот завод со Ботаничка градина (1993–1995), а во текот на 1995 година ја вршел функцијата шеф на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во периодот 1995–1997 година бил продекан за настава и наука на Природно-математичкиот факултет во Скопје, раководител на двопредметните студии биологија–хемија (1997-1999), а во 2001–2003 година, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За време на изработката на магистерската работа и докторската дисертација престојувал на студиски престои во повеќе наврати во Австрија – Naturhistoriches Museum Виена (1979-1985). Бил на студиски престои на Биотехничкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Хербариумот на Земаљскиот Музеј во Сараево, Ботаничкиот завод на Природословно-математичкиот факултет во Загреб, и други. Посебно треба да се издвои неговата долга и плодна соработка со колегите од Биолошкиот институт „Јован Хаџи“ при ЗРЦ, САЗУ, Љубљана, каде што долги низ години, престојува во оваа институција, во рамките на заедничките билатерални македонско-словенечки проекти. Како член на државна делегација, во својство на претседател на Националниот комитет за биолошка разновидност на Република Македонија престојувал на V. конференција на земјите потписнички на Конвенцијата за биолошка разновидност во Најроби, Кенија (2000). Бил претседател и секретар на Сојузот на друштвата на биосистематичарите на Република Македонија, како и Претседател на Националниот комитет за биолошка разновидноста на Република Македонија.

Учествува во неколку интернационални научни ботанички асоцијации (OPTIMA, Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата и други), национални друштва (Друштво на биолозите на Република Македонија, Македонско еколошко друштво) и други. Бил член во научниот одбор на разни меѓународни научни манифестации (VI, VII и VIII симпозиум за флората на Југоисточна Србија и соседните подрачја, III – от балкански ботанички конгрес во Сараево (2003), IV – от балкански ботанички конгрес во Софија (2006), V- от балкански ботанички конгрес во Белград (2009), VI- от балкански ботанички конгрес во Риека (2015), симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата – Оточец, Словенија (2003), и други. Член е на интернационалниот Уредувачки одбор на научното списание Прилози (MANU, Одделение за Приридоно-математички и биотехнички науки и Одделение за медицински науки), Hacquetia (Словенија), Natura Montenegrina (Црна Гора), Phytologia Balcanica (Бугарија), Biologica Nyssana (Србија), Biologia Serbica (Србија), Journal of Natural and Technical sciences (Албанија). Го организирал 35th симпозиумот на Источно алпско-динарско друштво за проучување на вегетацијата во Охрид (2013), како и Регионалната меѓународна конференција – The system “Prespa Lakes – Ohrid Lake”: The actual state – problems and perspective (Струга-Поградец, 2013). Член е на Committee for Mapping the Flora of Europe, Helsinki, Finland.

Научноистражувачката дејност на академик Владо Матевски, се одвива во областа на флористиката, таксономијата и фитоценологијата. Објавил 146 научни трудови (64 трудови во странски списанија, 30 трудови во списанија со фактор на влијание). Автор или коавтор е на 5 монографии – Флората на планинскиот масив Добра Вода (1995), Flora and vegetation of the Macedonian steppe (2008), Флора на Република Македонија, 1,6 (2005); 2,1 (2010), Forest vegetation of the Galičica mountain range in Macedonia (2011). Учествувал со околу 120 реферати или научни соопштенија на голем број конгреси и симпозиуми (75 презентирани на меѓународни собири во странство). Опишал (самостојно или во коавторство) над 25 растителни таксони и над 50 растителни заедници, нови за науката, од територијата на Република Македонија и Балканскиот Полуостров. Учествувал во реализацијата на над 20 научно-истражувачки проекти. Раководи со проектот “Флора на Република Македонија” а раководел уште со 10 домашни проекти, како и со 8 Билатерални меѓународни проекти (со Биолошкиот институт при ЗРЦ, САЗУ, Словенија, со Српската Академија на науките и уметностите, со Бугарската академија на науките и други).
За неговата долгогодишна наставна и научна работа и активност добитник е на повеќе признанија, благодарници и награди, како што се: државната награда Гоце Делчев (2011), Благодарница од GEF (Global Environment facility) – Програма за мали грантови во Македонија)(2015), Признанието Клучевите на Преспа (2016), Award in Recognition of Outstanding Contribution and Dedication to the Development of Ecology and Environmental Protection in Macedonia (od Makedonskoto ekolo{ko dru{tvo, 2016), Плакета од Природно-математички факултет по повод 70 години од постоењето (2016) и други.
Aкадемик Владо Матевски за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година. Од 2013 година е член на Европската академија на науките со седиште во Салцбург.

Библиографија