• Телефон

    +3892 3177 829

  • Email

    matevski@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
13.03.1929
Место на раѓање:
Истанбул
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1983
Институции:
Редовен професор во пензија на Факултетот за драмски уметности – историја на светската драма и театар; член на Северно-американската академија на шпанскиот јазик – Њујорк; член на Европската академија за наука и уметност во Салцбург; член на Норвешката академија за литература и за слобода на говорот (од 2005 година); почесен член на Албанската академија на науките (од 2006 година); дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите (од 2007 година)
Област на работа:
Писател, историја на светската драма и театар

Биографија

Акад. Матеја Матевски е едно од врвните имиња на современата македонска поезија и истакнат поет на европската лирика, литературан и театарски критичар, есеист и преведувач. Роден на 13 март 1929 година во Истанбул, Турција. Годините на детството ги поминува во Гостивар, a активен учесник во НОВ е од 1942 година.
Пo Ослободувањето учи гимназија во Тетово и во Скопје. Студира во Белград и во Скопје, каде што дипломира на Филозофскиот факултет (1956). Подоцна (1962/63) на Институтот за театарски студии во Париз го изучува модерниот француски театар и драма. Работел како новинар, уредник на културните и литературните програми, потоа како главен уредник и директор на Телевизија Скопје и како генерален директор на Радиотелевизија Скопје (1967-1977). Со звање редовен професор (по предметот Историја на светската драма и театар) предавал на Факултетот за драмски уметности по предметот (1975-1985). Ги вршел функциите претседател на Републичката комисија за културни врски со странство (1977- 1986) и член на Претседателството на СРМ (1985-1986). Бил член на Македонската редакција на Енциклопедијата на Југославија (уредник за театар, филм, радио и телевизија).
Акад. Матеја Матевски бил уредник на книжевните списанија „Млада литература“ и „Разгледи“ и на Книгоиздателството „Кочо Рацин“ (1961-1962). Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот П.Е.Н. Центар (сега негов почесен претседател), на меѓународните поетски манифестации „Струшки вечери на поезијата“ и „Рацинови средби“, потоа на Македонската книжевна фондација, на Фестивалот „Охридско лето“ и на „Бигорските научно-културни собири“. Исто така, бил основач и претседател на Друштвата за пријателство на Македонија и Франција, Македонија и Норвешка и Македонија и Турција.
Тој е еден од најпознатите македонски поети во светот. Неговите поетски дела се објавени на сите европски јазици, како и на многу од јазиците на другите континенти. Се смета дека со „Дождови“ (1956) ги поставил темелите на македонската модерна поезија, иако во неа се слушаат трајните поетски резонанции на древноста и вечната префигурација на човечката трагедија во опфатот на смислата на човековиот трагичен опстој на земјата и копнежот по целината на постоењето. Збирката „Дождови“ критиката ја прифати и обележа како прв носител на радикални промени во пезијата и како парадигматична книга на македонскиот модернизам на 60-ите и 70-те години. Со неа македонската лирика се отвара за искуствата на современата европска и светска поезија. Тој свој универзален и космополитски карактер со критичка приврзаност и асимилирање на книжевната традиција, неговата поезија го потврдува до денес.
Почнувајќи од 1951 година, акад. Матеја Матевски има објавено 21 збирка поезија, 5 книги литературна и театарска критика и есеистика, десетина избори од сопственото творештво, како и над 60 антологии и книги – препеви на поезија и преводи на драмски и прозни текстови од неколку јазици (шпански, француски, италијански, албански, руски, српски, словенечки). Особено се бројни неговите препеви на шпански и хиспаноамерикански поети. Неговата поезија е објавувана во сите македонски и ексјугословенски антологии и зборници, како и во повеќе европски и светски зборници, антологии и публикации, додека над 40 одделни книги му се објавени на повеќе од 20 јазици.
Акад. М. Матевски е добитник на главните национални награди, меѓу кои, двапати на Наградата на Друштвото на писателите (1956, 2001) и на „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (СВП) за најдобра поетска книга меѓу два фестивала (1963, 1981), како и на националните награди „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Климент Охридски“, „Македонско слово“, „Веља кутија“ на Македонските духовни конаци, „Гоцева повелба“, „Книга на годината на Македонската книжевна фондација“, „Книжевно жезло“ на Празникот на липите, како и на Повелбата „Блаже Конески“ на ДПМ за врвни творечки остварувања и трајни белези во македонската, европската и светската литература. За препев на поезија е добитник на наградите „Григор Прличев“ на СВП, „Златно перо“ и „Кирил Пејчиновиќ“.
Акад. Матеја Матевски е добитник на повеќе меѓународни награди: „Горанов вијенац“ (Хрватска), „Блез Сандрар“ (Швајцарија), специјалната награда за литература „Премио медитеранео“ на книжевниот собир во Палермо, „Триесте поезија“ на Фестивалот во Трст и „Премио медитеранео“ на Медитеранската акдемија во Неапол (Италија), „Фернандо Риело“ и „Атлантида“ (Шпанија), „Жупанчичева листина“ (Словенија), „Ергуван“ (Турција), „Златен клуч на Смедерево“ (Србија), наградата на издавачите на Романија „Нирвана“, потоа наградите „Мајкл Мадхусудан“ и „Восхитувачки поет“ (Индија), како и „Јан Смрек“ (Словачка). Добитник е и на меѓународната награда „Златен венец“ на СВП за целокупниот поетски опус (2011).
Носител е, покрај други, на високото национално одликување „Заслуги за Македонија“ и на највисоките француски одликувања „Легија на честа“ и „Уметност и литература“.
Акад. М. Матевски е дописен член на Северноамериканската академија на шпанскиот јазик во Њујорк (2002) и на Словенечката академија на науките и уметностите (2007), потоа член на Европската академија за наука и уметност во Салцбург (2003), Европското друштво за култура во Венеција (2004) и Норвешката академија за литература и слобода на изразувањето (2005), како и почесен член на Албанската академија на науките (2006) и на Институтот „Сесар Ваљехо“ во Трухиљо, Перу (2005). Член е и на Друштвото за наука и уметност во Битола.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 14 мај 1979 година, а за редовен член е избран на 21 ноември 1983. Во периодот од 2001 до 2003 бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите.

Библиографија