Акад. Гоце Петрески е роден на 31 август 1953 година во Крушево. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема поврзана со економската теорија на Џон М. Кејнз. Завршил постдипломски студии од областа на економскиот развој и методите на економска анализа. Во 1983 година го одбранил магистерскиот труд Кост-Бенефит анализата и нејзината примена во оценувањето на инфраструктурни проекти. Како стипендист на ООН, завршил и постдипломски студии од областа на развојот и населението на Универзитетот “Јавахарлал Нехру“ од Њу Делхи во Индија. Докторирал на тема Теоретско –методолошките основи на анализата на развојните цели и оценувањето на проектите”.
Во својата кариера акад. Гоце Петрески сукцесивно минал низ сите наставно-научни звања, од помлад асистент до редовен професор. Негово поле на научен интерес се економскиот раст и развој, инвестициите, економијата на трудот, економија на иновациите и меѓународните економски проблеми. Настапувал или бил ангажиран на повеќе универзитети во земјава и во странство. Визитинг-професор е на Универзитетот во Загреб. Акад. Петрески течно говори англиски и француски јазик, а активно познава уште неколку странски јазици.
Aкад. Гоце Петрески остварил повеќе студиски престои во: Хаг, Токио, Сеул, Стокхолм, Лондон, Бон, Луксембуг, Бриж и Рим. Остварил учество на голем број меѓународни научни собири, симпозиуми и семинари во Лондон, Тривандрум, Женева, Вашингтон, Стокхолм, Варшава, Хаг, Сантандер и др., како и на меѓународни конференции во Кран Монтана, Давос, Њујорк, Сингапур, Женева, Хаг, Лион, Сиетл, Јоханесбург, Бангкок, Стокхолм, Берлин, Осло и др. Учествувал на повеќе меѓународни конференции, симпозиуми, работилници, научни собири и семинари во: Букурешт, Клуж-Напока, Атина, Осло, Евиан, Берлин, Лион, Солун, Каиро, Волос, Прилеп, Охрид, Скопје, Бон, Луксембург и Бриж. Акад. Петрески настапувал и посетувал повеќе обуки во странство, поврзани со различни економски области и, меѓу другото, стекнал дипломи, сертификати и признанија во: Тривандрум, Индија 1990; Сеул, Јужна Кореја, 1991; Токио, Јапонија, 1993; Бон, Германија, 1993; Скопје, 1994 и Луксембург, 2006, Рим 2007.
Покрај академската кариера, акад. Петрески, извршувал високи државни функции, меѓу другите и министер за развој во првата Влада, по осамостојувањето на Република Македонија (1991–92) и амбасадор на Република Македонија при ООН (1994–2000). Исто така, извршувал високи меѓународни функции: претседавач на Економскиот и финансискиот комитет на 50-то јубилејно Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк (1995–96); претседател на Бордот на UNCTAD (Конференција на Обединетите нации за трговија и развој) (1997–98), во Женева; главен преговарач за пристапување на Република Македонија во Светската трговска организација (WTO); учествувал од самата иницијатива и во целосниот тек на преговорите со ЕФТА; бил главен координатор за економската сукцесија во Брисел, Хаг и Женева; координатор и коавтор на Антиинфлациската програма, 1992; бил и консултант на Европската банка за обнова и развој од Лондон (Еuropean Bank for Reconstruction and Decvelopment); член на меѓународната Blue Ribbon-комисија за реформи и на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Истовремено, тој извршувал и значајни надворешни советнички улоги при премиери на Владата на Република Македонија, гувернерот на Народната банка и претседателот на Република Македонија.
Добитник е на највисоката државна награда „Гоце Делчев“, за труд од областа на науката, за 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.
Бил раководител на Департманот за економија на Економскиот факултет (2011-2015) и раководител на докторски студии по Економски науки (2014-2017) по нивното основање при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ (2009-2013). И уредник на научното списание „Прилози“ на Одделението за општествени науки.
gpetreski@ukim.edu.mk