• Телефон

    +389 2 3120 011

Датум на раѓање:
31.08.1937
Место на раѓање:
с. Нижеполе
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Област на работа:
Академски сликар

Биографија

Акад. Васко Ташковски е роден на 31 август 1937 година во Нижеполе, Битолско. Основно училиште завршил во Ресен, а во 1958 година дипломирал на училиштето за применета уметност во Скопје.
Во 1959 година се запишал на Академијата за применети уметности – отсек графика, во Белград. За време на студиите образованието го оформил кај истакнатите професори Богдан Кршиќ, Пера Младеновиќ, Мате Зламалик, во класата на прочуениот Миахило Петров, кај кого и дипломирал во 1964 година.
По дипломирањето на Белградската академија се вратил во Скопје и активно се вклучил во македонскиот ликовен живот. Повеќе од 20 години работел како сценограф во Македонската телевизија. Има изведено над 300 телевизиски, филмски и театарски сценографски решенија, како и сценографски решенија за музички фестивали и многу говорни емисии. Истовремено работел и на ликовни решенија од областа на графичкиот дизајн.
Досега организирал 52 самостојни изложби во Македонија и поранешните југословенски републики, како и во Каиро, Париз, Анкара, Виена, Њујорк, Романија.
Акад. Васко Ташковски со своето сликарство во повеќе групни и колективни изложби со успех ја презентира македонската ликовна уметност. Речиси да нема групна изложба кај нас или во странство на која учествувал, а платната на акад. Ташковски да не биле високо оценети или наградувани од страна на стручната и уметничката критика. Тој учествувал во над 150 групни и колективни изложби речиси на сите континенти во повеќе ликовни центри.
Ликовните критичари, историчарите на уметноста, поетите, писателите и други, за овој истакнат сликар од третата генерација македонски сликари имаат пишувано стотици страници, како за еден од најатрактивните претставници на неговата, а и на другите генерации сликари.
Стоејќи пред платната на акад. Васко Ташковски се соочуваме со прашањата дали човековото сознание е еден своевиден универзум во сеопштата делумно одгатната и затоа уште повеќе загатлива вселена или каква е врската помеѓу двигателот на мислата и бескрајноста? Во неговото сликарство погледот на вселената е поглед на занес и страв од мракот, како и страст да се навлезе во таинствените простори. Акад. Ташковски во своето сликарство се надоврзува на денешните живи класици на фантастикот Лем, Бердбери, Лукас. На неговите платна среќаваме знаци во кои делумно ги препознаваме Бош, Ернест, Кле, Дали. Акад. Ташковски е приврзаник на магијата на севозможните линии и бои. Сегодувањето на оваа алхемија во сликарството на акад. Васко Ташковски не извлекува од оковите со кои не притиснал современиот живот и не внесува во неговиот автохтон ликовен свет.
Неговите околу 950 слики во маслена техника и над 1000 цртежи, графики и околу 3500 акварели како и преку 10.000 скици, секоја за себе и во себе, се со свои тајни и таинствености. Преоѓајќи од една на друга слика во сликарскиот свет на акад. Ташковски, во доминантниот предел на неговото сликарство, кој речиси и не е обеспокоен од човекот, не ни даваат да се соземеме, туку се впиваат во нас отворајќи безброј прашања.
Поетиката на своето сликарство акад. Васко Ташковски ја развивал врз искуството на многу задгранични и овдешни сродни мајстори, давајќи му на фантастичниот свет свои акценти. Повремено во тој свет ќе ја препознаеме традиционалноста на таканаречениот магиски реализам во кој нема дефинитивни формули и нема логична историска и биолошка основа. Таквите традиции се преобразуваат во лични, недвосмислено уметнички достигања со големо естетско значење. Тие се процес на творештво и молитва за трајноста на уметноста. Тие традиции се зафат што ги добилижува сродните сликари, разграничувајќи ги во исто време во индивидуалноста во барањето и наоѓањето на свои врвици. По таква врвица чекори кон непознатото и акад. Васко Ташковски, со нем повик да му се придружиме како што сме им се придружиле на оние што не возбудувале со своите откритија на возможното и на невозможното.
За своето неуморно творештво академскиот сликар акад. Васко Ташковски е добитник и на голем број награди и признанија, но сепак неговото најголемо признание, како и едно од најголемите признанија што ги има добиено македонското сликарство воопшто, е застапеноста на неговите слики, како претставник на овој дел на Југоисточна Европа, во Антологискиот приказ на ликовната фантастика на светот.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 21 април 1994, а за редовен член на 20 јуни 1996 година.

Библиографија

Уметнички дела на акад. Васко Ташковски