На 6 февруари 2018 г. во посета на МАНУ престојуваше г. Шемсетин Шекер, директор на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, кој оствари средба со акад. Таки Фити, претседател и акад. Луан Старова, потпретседател на МАНУ.
За време на разговорите г. Шекер ги запозна присутните со активностите на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, со кои се промовира турската култура во Република Македонија. Исто така, Институтот е заинтересиран и за академиската соработка и за давање поддршка во организација на настани, преводи и промоции на изданија и сл. Во тој контекст е и настанот организиран од Институтот „Јунус Емре“ во Скопје посветен на еминентни личности: поети, писатели, уметници и научници во Република Македонија, која ќе се одржи на 15 февруари (четврток) во 20 часот во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите
Г. Шекер изрази благодарност за плакетата доделена од МАНУ на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје по повод 50-годишнината на МАНУ.
Акад. Т. Фити ја изрази отвореноста на МАНУ за проширување на соработката на двете институции на повеќе области, меѓу другото, и за промоција на монографијата за сликарот Омер Калеши, за мај 2018 г. и евентуално одржување на конференцијата PAX BALCANICA (Мир на Балканот).