На 19 јуни 2017 година во посета на МАНУ престојуваа претседателот на Бугарската академија на науките (БАН) акад. Јулијан Ревалски и потпретседателот на БАН акад. Васил Николов. На средбата во Скопје од наша страна присуствуваа академиците Таки Фити, Луан Старова, Владо Матевски, Гоце Петрески и Цветан Грозданов. Претседателите на двете акадмии, Фити и Ревалски изразија задоволство од вонредно успешната соработка помеѓу двете академии остварена со Програмата за соработка за периодот 2014 – 2016 година. Претседателите констатираа дека во периодот 2014 – 2016 година успешно се реализирани 30 заеднички проекти со БАН, од кои 17 во природно – математичките, техничките и медицинските науки, 8 во хуманитарните и 5 во општествените науки, кои резултираа со над 120 публикации и соопштенија на научни форуми во Бугарија, Македонија, Романија, Турција, Шпанија и други земји, два прифатени проектa во рамките на IPA – програмата, неколку заеднички Зборници на трудови објавени двојазично (на македонски и бугарски), две книги и сл.
На средбата беше договорена и Програмата за соработка помеѓу МАНУ и БАН за следните две години, којашто опфаќа 16 научни и уметнички проекти, заемни промоции и претставувања на изданијата, т.е. резултатите од истражувањата во Софија и Скопје, заедничка апликација на проекти подржани од европските фондови, престои на македонски академици во Бугарија и на бугарски академици во Македонија, консултации на МАНУ, БАН и САНУ за зајакнување на советодавната функција на националните академии како обврска од проектот SAPEA – Science Advice for Policy by European Academies, инициран од Европската комисија и сл.
Фотографии од настанот: