Проект: „Зачувување на некои ендемични растенија со ограничено распространување во Националниот парк Галичица во РС Македонија“ („Conservation of some restricted endemic plants from Galichica National Park, N. Macedonia“)

Траење: 1.7.2020 – 31.12.2021 г.

Проектот „Зачувување на некои ендемични растенија со ограничено распространување во Националниот парк Галичица во РС Македонија“ („Conservation of some Restricted Endemic Plants from Galichica National Park, N. Macedonia“) се спроведува преку Истражувачкиот центар за животна средина и материјали при Македонската академија на науките и уметностите и е финансиски поддржан од PONT (Prespa Ohrid Nature Trust/Фонд за природа „Преспа – Охрид“ – ПОНТ) и CEPF (Critical Ecosystem Partnership Fund/Партнерски фонд за заштита на критичните екосистеми – ЦЕПФ). За потребите на проектот, воспоставена е прекугранична партнерска соработка со невладината организација „Илирија“ од Тирана (Iliria, Tirana), во соседна Албанија.

Предмет на истражување на овој проект се 6 (шест) ендемични растенија, опишани од планината Галичица, со ограничено распространување на нејзината територија: Centaurea galicicae, Dianthus galicicae, Edraianthus horvatii, Festuca galicicae, Laserpitium ochridanum и Sempervivum galicicum. Со реализација на проектните активности ќе се обезбеди процена на наведените ендемични видови за Националната црвена листа на флората на РС Македонија, со утврдување на категоријата на загрозеност, in-situ заштита, како и ex-situ заштита, на просторот на Ботаничката градина на Институтот за биологија, на Природно-математичкиот факултет во Скопје, преку нивно пренесување и одгледување во Ботаничката градина и формирање семенска збирка. Со проектните активности се предвидени: обука за млади истражувачи, поддршка и зајакнување на капацитетите на Националниот парк „Галичица“, како и зајакнување на јавната свест за значењето на ендемичната флора на планината Галичица.

Проектните активности ги реализираат: акад. проф. д-р Владо Матевски – раководител на проектот; Цветанка Цветкоска – асистент на проектот; проф. д-р Митко Костадиновски – консултант за флора и вегетација; проф. д-р Рената Ќуштеревска – консултант за флора и вегетација; и Сара Цветаноска – млад истражувач за флора, со поддршка од претставниците на ЈУНП „Галичица“: Андон Бојаџи, Дејан Димиџиевски, Христина Кузманоска и Климент Нанев.

Повеќе информации за тековните активности на проектот може да се добијат на следната врска (линк)