На 5 октомври 2016 година во Македонската академија на науките и уметностите се отвори изложбата ДОБРОВИЌ, ШУМАНОВИЌ, КОЊОВИЌ, ШУПУТ – ЕВРОПСКИ КОНТЕКСТИ.

Изложбата се реализира во соработка со Галеријата на Матица српска, Српската академија на науките и уметностите и Амбасадата на Република Србија во Република Македонија.

На Изложбата се поставени вкупно 42 дела од четворицата респективни автори.

Изложбата ДОБРОВИЌ, ШУМАНОВИЌ, КОЊОВИЌ, ШУПУТ – ЕВРОПСКИ КОНТЕКСТИ произлезе од желбата на јавноста да ѝ се прикажат дела од фондот на Галеријата на Матица српска, кои по формирањето на постојаната поставка останале во депото. Замислена е како еден можен поглед на некои од идеите негувани во сликарството во првата половина на ХХ век – идеи поттикнати од тековите во Европа, но докрај спроведени и обликувани од локалните, домашни, српски проседеа. Обединувајќи дела на четири автори чии достигнувања се вреднувани различно, Изложбата заговара идеја на студија на случај: најпрвин се избрани сликари и дела, а потоа се трагаше за заеднички именител. Случајноста на изборот и сродноста на исходот се покажаа како упориште за наведената намера. Така, кај избраните уметници, покрај неоспорното уважување на пoуките добиени од поширокиот европски контекст, во тематскиот репертоар и стилското определување се забележува сродна повратничка травестија на идеи. Тој новонастанат, би се рекло, умерен модернизам, им припаѓал на можностите, на ограничувањата и на достигнувањата на средината, односно на вкусот на граѓанската елита, која суштински го обликувала.

На свеченото отворање на Изложбата, на која присуствуваа многубројни гости – претставници на Владата на Република Македонија, претставници на странските амбасади во Република Македонија и љубители на уметноста, се обратија: акад. Газанфер Бајрам, секретар на Одделението за уметност, акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, Н.Е. Душанка Дивјак-Томиќ, амбасадор на Република Србија во Република Македонија, Марко Деспотовиќ, претставник на Министерството за култура и информирање на Република Србија, д-р Тијана Палковљевиќ-Бугарски, директор на Галеријата на Матица српска и акад. Влада Урошевиќ.

Изложбата ќе биде отворена до 25 ноември 2016 година.

Фотографии од настанот: