На 21 март 2016 година, со почеток во 10:00 часот, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите се одржа Конферецнија на тема: Геостратегиската и геополитичката положба на Република Македонија во услови на мигрантската и бегалската криза. Оваа конференција која е прва од ваков карактер и разработува теми од областа на геополитиката и геостратешките истражувања беше организирана во заедничка соработка на Центарот за стартегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Во присуство на министерот за надворешни работи, бројни претставници на дипломатскиот кор, претставници на министерствата и видни претставници на научната и стручната јавност со свои воведни обраќања Конференцијата ја отворија Претседателот на МАНУ – Академик Таки Фити, Претседателот на Република Македонија – Н.Е д-р. Ѓорѓе Иванов, Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ – Академик Владо Камбовски и Директорот на институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР – Амбасадор Абдулкадар Мемеди. По официјалното отворање следеше церемонијата на потпишување на Меморандум за соработка  помеѓу Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика во МНР при што беше истакнато дека овој чин на соработка ќе придонесе кон процесот на генерирање на стратешки насоки од државен интерес и нивно промовирање пред домашната и странската јавност, како и кон креирањето на политика на носење на решенија во сферата на надворешната политика.

Работниот дел на конференцијата беше поделен во две панел дискусии на кои учество земаа по 8 претставници на академската заедница, државните институции, меѓународни организации, како и видни претставници на научната и стручната јавност. Во првиот панел насловен Геостратегиската положба на Република Македонија и општите аспекти на бегалската криза беа детално и сеопфатно претставени проучувањата на геополитичката и геостратегиската положба на Република Македонија во поглед на нејзината географска поставеност и во сооднос со регионалните и глобалните геополитички случувања, трендови и проекции на полето на меѓународните односи, политичките, безбедносните и економските предизвици и закани, а беа опфатени и општите аспекти на бегалската и мигрантската криза.  Под модераторство на м-р Марио Шаревски во првиот панел настапија: Академик Георги Старделов, проф. д-р Митко Котовчевски Геостратегиската положба на Република Македонија, проф. д-р. Тони Милески Геополитичката положба на Република Македонија:студија за постојани геополитички влијанија и трансформации, Мохамед Ариф UNHCR:The human stories behind the numbers, проф. д-р Димитар Мирчев Како влијае геополитичката положба на Македонија, проф. д-р Нано Ружин Република Македонија – балкански влог на бегалската криза во рамки на геополитичкиот ривалитет меѓу САД и Русија, проф. д-р Владимир Ортаковски Бегалската криза и меѓународното право, проф. д-р Јове Кекеновски Република Македонија – колатерална штета на недоследната политика и неспремноста на ЕУ за решавање на бегалската криза. Дискусијата во вториот панел насловен Влијание на бегалската криза врз актуелните безбедносни, политички и економски состојби во Република Македонија во која учествуваа повеќе претставници на највисоките државни установи вклучени во справувањето бегалската криза се осврна на аспектите од справувањето со оваа криза како и нејзиното влијание кон сеопштите состојби во Република Македонија. Под модераторство на Катерина Бојоска во вториот панел настапија: Анастасија Илиевска Кризната состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија, ген. Горанчо Котески Влијание на мигрантската и бегалска криза врз политичката и безбедносната состојба во Република Македонија, проф. д-р Зоран Илиевски, проф. д-р Ненад Марковиќ Политиката на отворни врати наспроти политиката на затворени врати – политички и безбедносни дилеми на балканскиот човечки коридор, проф. д-р Назми Малиќи Управување со кризи, бегалскта криза и третман на бегалци во Република Македонија, проф. д-р Марина Малиш Саздовска Криумчарење мигранти – Безбедносна закана за Република Македонија, д-р Љубомир Гајдов Кризата: Можност и закана за Република Македонија , проф. д-р Зоран Костов Безбедносните закани наспроти меѓународните конвенции: Хуманитарните аспекти на бегалската/мигрантска криза.  На крајот на работниот дел се отвори дискусија на која свои ставови и прашања поставија повеќемина присутни.

Конференцијата беше затворена со претставување на седум заклучоци по однос на значењето на геосполитичката и геостратегиската положба на Република Македонија како и поставеноста кон сериозните предизвици со мигрантската и бегалската криза во актуелниот миг на меѓународните односи. Во рамки на заклучниот дел беше претставена иницијативата за формирање на think thank група на стручни и научни работници кои ќе ги разгледуваат сите значајни прашања со кои се соочува Република Македонија со цел да се претстават научни согледувања на основа на кои ќе се градат препораки за најоптималното делување и државни политики. Воедно беа претставени и инцијативите за започнување на издавање на меѓународно научно списание Македонски геополитички преглед во рамки на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, како и организирање на меѓународна конференција во текот на есента.

Заклучоците од истиот може да ги погленете ТУКА.

 

Фотографии од настанот: