МАНУ и МФ склучија Меморандум за соработка: Заеднички ќе се работи на активности што ќе го поттикнат економскиот раст

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Министерството за финансии (МФ) склучија Меморандум за соработка со цел унапредување на системот на јавните финансии и спроведување активности насочени кон поттикнување на економскиот раст и развој. Меморандумот беше потпишан од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Во годините што доаѓаат, МАНУ, што е можно повеќе, ќе ги поддржува и зајакнува фундаменталните, применетите и развојните истражувања во економските науки, а со цел да се зголеми советодавната функција на МАНУ. Преку низата натамошни заеднички активности, МАНУ и Министерството за финансии, со помош на научната мисла, ќе придонесат за напредокот на македонската економија“, истакна претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев на потпишувањето на Меморандумот.

„Постигнувањето на планираните цели ќе се реализира преку организирање и вршење научни истражувања, чии научни резултати би се примениле во делот на унапредување на јавните финансии, пазарното стопанство, претприемништвото и конкурентноста и за промовирање добри бизнис-практики. Понатаму, ќе се вршат анализи и научни истражувања во различни области од заеднички интерес коишто треба да резултираат со  креирање поволни услови за водење бизнис, поттикнување на економскиот раст и стабилно и предвидливо бизнис окружување“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на потпишувањето на Меморандумот.

Соработката ќе овозможи подобрување и развивање практика на дијалог при креирање на макроекономската и развојната политика, притоа водејќи се од резултатите од фундаменталните, применетите и развојните научни истражувања од таа област. МАНУ и Министерството за финансии ќе учествуваат во изработка на стратешки микро и макроекономски аналитички согледувања и научни истражувања. Воедно, двете институции заеднички ќе работат на вмрежување и работа во национални и меѓународни мрежи, на спроведување заеднички иницијативи за вршење научни анализи и истражувања за користа од успешно имплементирање на европските политики и регулативи, како и на други активности чија крајна цел е поттикнување на економскиот раст и развој.

Фотографии од настанот: