На ден 11ти септември 2018 година во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се одржа научната расправа „Спогодбата од Преспа: меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“. Како организатор на настанот се јави Центарот за стратегиски истражувања (ЦСИ) при МАНУ. Расправата беше организирана како одговор на потребата од научна интерпретација и анализа на  Спогодбата за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Спогодба од Преспа), како и на општествениот, политичкиот и медиумскиот контекст во кој таа е склучена.

Расправата ја отвори акад. Владо Камбовски, раководителот на ЦСИ при МАНУ кој и го модерираше нејзиниот прв, свечен дел под наслов „Меѓународен и политички контекст и значење на Спогодбата“. Првото обраќање беше она на акад. Таки Фити, претседател на МАНУ. Тој истакна дека Спогодбата од Преспа ги зацврстува идентитетските прашања и ги отстранува пречките за забрзна евро-атлантска интеграција. Тоа, пак, според него, отвора и инвестициски можности чии бенефити се неоспорни. Акад. Фити понуди опсежен осврт на економските придобивки, поточно преку цифри илустрираше дека членството во НАТО, за што услов е спроведувањето на Спогодбата од Преспа, е од суштествена важност не само поради сигурноста и безбедноста туку и владеењето на правото кое е засилено и има охрабрувачки ефект за инвеститорите. Сите статистичик показатели покажуваат дека по влегувањето во НАТО странските инвестиции значајно се зголемуваат. Во Естонија, на пример, пред влезот имало 960 милиони евра, а неколку години подоцна овие бројки достигаат до 3 милијарди – истакна акад. Фити. Освен него обраќање имаа и г-динот Стојан Андов, прв претседател на Собранието на Република Македонија; г-динот Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија; г-динот Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања; г-динот Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија; Н.Е. г-динот Џес Л. Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија; Н.Е. г-динот Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Република Македонија и Н.Е. г-динот Томас Норберт Герберих, амбасадор на Германија во Република Македонија. Секој од нив ги изложи сопствените видувања зошто Спогодбата од Преспа претставува клучен документ за Република Македонија.

Вториот дел беше насловен „Толкувањето на Спогодбата и нејзините импликации“, а  модериран од професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Владо Поповски. Првото обраќање го имаше акад. Владо Камбовски. Неговиот приод кон Спогодбата беше херменевтички, односно тој го изложи своето толкување на повеќе од нејзините одредби (воглавно перцепирани како спорни), но и на документот во целост. Така, според него Спогодбата од Преспа е билатерален договор кој е конзистентен до системот на меѓународно-правните норми, супранационални стандарди и европски правила што се однесуваат на сите прашања кои се нејзин предмет. Како конститутивен (law-making) билатерален акт, Спогодбата не само што ја исклучува арбитрерноста на политичките актери по повод нејзиното спроведување туку овозможува и натамошен развој на односите меѓу двете страни-договорнички. Тоа, пак, е клучен фактор во конституирањето на Република Македонија како европска држава. Што се однесува до дел од нејзините одредби, акад. Камбовски најнапред истакна дека е позитивно тоа што Спогодбата содржи автентично толкување на термините „Македонија“, „македонски“ и „македонски јазик“ така што нивното значење е зацртано и не може да претставува предмет на натамошни преговарања и толкување. Говорејќи, понатаму, за останатите составни делови на Спогодбата, тој истакна дека таа треба да се толкува согласно Виенската конвенција за договорно право, односно според начелото bona fides. Ако тоа биде прифатено, станува јасно, според акад. Камбовски, дека Спогодбата од Преспа не го загрозува националниот идентитет и посебност на македонскиот народ ниту пак му одзема негова значајка. Всушност, со новото сложено име со географска одредница не се оспорува македонскиот национален идентитет, зошто не го одредува националниот идентитет името на државата, туку обратно, националниот идентитет наметнува име на државата кое му ја дава потребната широчина на слобода, зачувување и изразување на народносната самобитност – истакна акад. Камбовски. Како основен заклучок беше искнато дека содржината на Спогодбата кореспондира со нејзината цел на постоење. За крај, акад. Камбовски повика на натамошни научни дискусии и аргументирани дебати. Освен него во вториот дел се обратија и проф. д-р Владо Поповски (наслов: „Карактерот и импликациите на Договорот од Преспа“), г-динот Дејвид Стивенсон (наслов: Bulding Political Consensus as a Prerequisite for Successful Implementation of the Prespa Agreement“), проф. д-р Вели Креци (наслов: „Анализа на пристапот и содржината на Договорот“), проф. д-р Блерим Река (наслов: „Геополитичкиот импакт на македонско-грчката спогодба“), проф. д-р Нано Ружин (наслов: „Геополитиката на името“), проф. д-р Горан Коевски (наслов: „Придобивките за Република Македонија од успешно спроведените евро-атлантски интеграции (економско-правни перспективи)“), г-динот Љубомир Гајдов (наслов: „Спогодбата од Преспа, промена на парадигмата во Република Македонија и за Република Македонија“), г-динот Љупчо Арсовски (наслов: „Република Македонија на крстопат“) и г-динот Ѓорѓи Филипов (наслов: „Интелектуалната сопственост на македонските компании и Спогодбата од Преспа – импликации“).

Научната расправа беше заокружена со дискусија на која збор зедоа повеќе лица меѓу кои и претставници на граѓански движења кои се залагаат за бојкот на претстојниот референдум.

Со организирањето на оваа расправа, ЦСИ и МАНУ го потврдија континуитетот на активна научна опсервација на развојот на односите со соседите, надминувањето на спорот околу употребата на името на Република Македонија во меѓународните односи и нејзините евро-атлантски интеграции. Во тој контекст, наскоро се очекува и издавањето на зборник на трудови како производ од Расправата.

Фотографии од настанот: