Во издание на Македонската академија на науките и уметностите, деновиве, од печат излезе книгата на акад. Таки Фити под наслов Макроекономија на големите кризи. Оваа книга е посветена на истражување на проблематиката на краткорочните економски флуктуации – бизнис-циклусите, со посебен осврт на феноменологијата на големите кризи – Големата депресија 1929 – 1933, Големата рецесија 2007-2009 и Кризата предизвикана од Ковид – 19. Една глава на книгата (шестата глава) е целосно посветена на импликациите на Големата рецесија од 2007 до 2009 и на Кризата детерминирана од пандемијата со Ковид-19 врз финансискиот и реалниот сектор на македонската економија. Низ опстојна анализа, авторот селектира поуки и сугестии за креаторите на економската политика во нашата земја.