Поаѓајќи од начелата и одредбите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, потпишан на 1 август 2017 година и ратификуван во Собранието на Република Македонија на 15 јануари 2018 година.

Истакнувајќи го историското значење на овој Договор којшто ја надминува рамката на вообичаени билатерални меѓународни договори и изразува заедничка решеност за градење на подобра иднина меѓу народите и граѓаните на двете држави,

Подвлекувајќи го значењето на пријателството, добрососедството и соработката на двете држави како значаен придонес кон отворање на нови хоризонти за регионалните и евроатлантските интеграции на балканските држави и народи,

Препознавајќи ја првостепената важност на соработката во науката, образованието, културата и другите области на творештво кои имаат незаменлива улога во надраснувањето на идеолошките, политичките и историските предрасуди и во создавањето на европски дух на толеранција, дијалог, разбирање и споделување на заеднички хумани вредности,

Потенцирајќи ја улогата на националните академии на науките и уметностите како највисоки научни и уметнички институции кои имаат посебна одговорност да развиваат сестрани облици на научна, уметничка и културна соработка што ги опфаќа сите општествени сфери кои се предмет на научни и на образовни и културни детерминации и развој заснован врз знаења и истражувања,

Повикувајќи се на повеќегодишната заемна соработка  врз заеднички научни и уметнички проекти, којашто претставува и значаен придонес за создавање на клима на пријателство и доверба неопходна за склучување на Договорот,

Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките на заедничка седница на претседателите и членовите на претседателствата на двете академии, одржана во Охрид на 17/06/2018 година се договорија својата натамошна соработка и заеднички активности во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија да ги засноваат врз следнава

                                             П Л А Т Ф О Р М А

  1. Македонската академија на науките и уметностите и Бугарската академија на науките формираат меѓуакадемиска група која ќе работи на осмислување и конкретизација на формите и содржините од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија во сферата на науките, уметностите, културата, економијата, зближување на младите генерации и други сфери на општественото живеење.

Меѓуакадемиската група ја сочинуваат по 5 членови од едната и другата академија, раководени од двајцата претседатели на академиите.

  1. Соработката меѓу БАН и МАНУ во сите сфери, а во тој контекст и во реализацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, ќе биде заснована врз принципите на заемно почитување, толерантност, разбирање, конструктивна атмосфера и отвореност. Помеѓу двете академии постои согласност дека нема прашања, вклучувајќи ги и оние што ги сметаме за спорни и сензитивни за коишто академиците и научниците од нашите земји не можат да расправаат – се разбира, со силата на научни аргументи, факти, со нивно соочување, а ослободени од  идеолошките и политичките предубедувања и стереотипи, кои се продукт на историското наследство на балканските простори. Двете академии се свесни за фактот дека денес иднината го вреднува и осмислува минатото и дека, според тоа, денес иднината избива на преден план. Затоа, во нашите научни расправи за сите прашања и проблеми мораме да гледаме напред, да нудиме решенија со почитување на европските вредности и стандарди, да прифаќаме реципрочна одговорност и реципрочна грижа на едните за другите.
  2. Поаѓајќи и почитувајќи ги ваквите принципи, меѓуакадемиската група за потпомагање на реализација на обврските што произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија, посебно ќе се сосредочи на осмислување и конкретизација на следниве форми и содржини на заемната соработка:

Во областа на науките и уметностите:

– продолжување со реализација на заеднички научни проекти и проекти од областа на уметноста и културата;
– приоритетни области на соработка ќе бидат: економски раст и развој, европски интеграции, владеење на правото, инфраструктурно поврзување меѓу двете земји, енергетика, екологија, биодиверзитет и природните науки, информациско-комуникациските технологии (ИКТ), индустрија 4.0, културата и споделено археолошко и културно наследство, образование и наука, безбедносни прашања и проблеми;
– заедничко публикување на резултатите од заемната соработка и подготвување на заеднички трудови кои ќе се објавуваат во реномирани меѓународни списанија;
– заедничка апликација за проекти од националните и европските фондови;
– преводи на научни дела (книги) и на творби на писатели и поети од двете држави. Организирање на изложби на уметници, промоција на научни дела како и предавања и портрети на научници и уметници од двете држави.

Во областа на соработката и зближувањето на младите генерации:

– заедничко организирање на научни расправи (конференции, советувања, тркалезни маси, работилници и сл.) по различни теми и особено по теми од особен интерес за младите генерации: образование, вклученост во национални и европски проекти наменети за младите, научноистражувачка работа, ИКТ – технологии, претприемништво и вработување и сл;
– организирање на летни школи на студенти, постдипломци, докторанти и уметници во Македонија и во Бугарија;
– олеснување на процедурите за нострификација на дипломите од двете земји и сл.

  1. Меѓуакадемиската група задолжена за реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија ќе организира заеднички состаноци и средби во Македонија и во Бугарија, ќе ја координира, надоградува и збогатува соработката и ќе го следи и надгледува степенот на реализација на договорените обврски.

Меѓуакадемиската група ќе поднесува еднаш годишно извештај до претседателствата на двете академии за напредокот на заемната соработка и за потребата од соодветни реакции и влијание врз научните, културните и другите институции на државите, како и на државните институции, заради ефикасно спроведување на Договорот.

На предлог на Меѓуакадемиската група најмалку еднаш годишно ќе се свикува заедничка седница на претседателствата на двете академии заради програмско прецизирање, следење и оценување на активностите предвидени со оваа Платформа.

Претседател на МАНУ                                                                                                                               Претседател на БАН

Академик Таки Фити                                                                                                                           Академик Јулијан Ревалски