На 16ти ноември 2018 година Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во соработка со Мисијата на Организацијата за безбедност и собработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје по седми пат го одбележа Меѓународниот ден на толеранција. Оваа година настанот беше насловен „Попреченоста не е пречка за успех“ и имаше две основни цели. Прво, да ја подигне свеста на граѓаните за потребите на лицата со попреченост, имајќи ги предвид секојдневните потешкотии со кои тие се соочуваат и натчовечките напори кои ги вложуваат. Второ, да ги повика надлежните македонски институции посериозно да се ангажираат како би се обезбедила не само формална туку и суштинска еднаквост помеѓу лицата со попреченост и останатите граѓани во државата. Имено, не може да се пренебрегне фактот дека оваа категорија на граѓани е сѐ уште на маргините на нашето општество, односно дека допрва треба да се преземат сериозни напори за споменатите лица да добијат услови за нивниот секојдневен живот да функционира непречено.

За да се постигнат овие цели, настанот се одвиваше во повеќе сесии. Во воведната се обратија акад. Таки Фити кој е претседател на МАНУ, амбасадорот Клеменс Која кој е шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, акад. Владо Камбовски кој е раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и акад. Георги Старделов кој е член на МАНУ и нејзин поранешен претседател. Низ овие говори беа испратени повеќе пораки, сконцентрирани на различни аспекти поврзани со третманот на лицата со попреченост.

Во втората сесија се обратија повеќе лица со попреченост, кои пред аудиториумот ги претставија своите лични приказни. Станува збор за г-а Христина Божиновска која е специјален едукатор и рехабилитатор, г-дин Вангел Тркаљанов кој е советник при Министерството за труд и социјална политика, г-дин Мифтар Османи кој е колпортер на „Лице в лице“, г-а Себаат Ајвази која ја претставувала Република Македонија на Специјалната олимпијата и г-а Ема Ананиеска која е пијанистка. Говорејќи за своето персонално искуство тие ги претставија проблемите со кои лицата со попреченост се соочуваат на дневна база. Општиот заклучок беше дека се нужни сѐ повеќе напори кои на лицата со попреченост ќе ѝм овозможат најмалку пристап до основните јавни услуги во сферата на образованието, здравството, социјалната помош и слично.

Третата сесија беше сочинета од изведби. Г-а Ема Ананиевска изведе неколку песни на пијано, г-а Марија Миновска читаше од поезијата чиј креатор е, децата од Посебното основно училиште „Иднина“ го изведоа својот „Танц на ангелите“ додека пак учениците од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ имаа свој перформанс на песна на знаковен јазик.

Настанот „Попреченоста не е пречка за успех“ беше заокружен со цртање и изведба на уметнички дела. Станува збор за делата на г-а Роза Мојсовска и г-дин Тома Димовски кои се етаблирани сликари, но и гласноговорници за правата на лицата со попреченост.

На тој начин настанот организиран од МАНУ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги распространи очекувањата и барањата на лицата со попреченост – подигање на свеста за нивното постоење и неопходното решавање на проблемите. Обезбедувањето услови за целосно уживање на правата на овие лице не претставува привилегија, напротив неопходност и обврска за државата.

Програмата за одбележувањето на Меѓународниот ден за толеранција може да ја погледнете: ТУКА.

Извештајот од доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за дефектологија, Филозофски факултет, Скопје може да го погледнете: ТУКА.

Фотографии од настанот: