Untitled logo

На 23 мај 2017 година, во организација на Македонската академија на науките и уметностите, Фондацијата „Трифун Костовски“ и „Еуролинк осигурување“, во Ликовниот салон на МАНУ беше свечено отворена ретроспективна изложба на реномираниот македонски скулптор Боро Митриќески – Митрич во рамките на одбележување на 70-годишното творештво на нашиот познат скулптор. На отворањето на изложбата поздравна беседа одржа претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, кој потенцираше дека Митриќески годинава слави три јубилеи – 90 години живот, 70 години творештво, внесувајќи ја душата во дрвото и каменот и е дел од полувековниот јубилеј на МАНУ. Акад. Газанфер Бајрам, секретар на Одделението за уметност, пак, во неговата беседа за академик Митриќески извајви дека скулпторот не го делка дрвото, туку од него создава поезија. Исто така говор одржа и г. Трифун Костовски, фондатор на Фондацијата Трифун Костовски.

Со искрени емоции склупторот акад. Митриќески се заблагодари на честа и на изненадувањето, или како што го нарече чудото што му го приредија пријателите и почитувачите на неговата работа. Тој ги повика бизнисменот Трифун Костовски и неговата ќерка Олга Костовска, претседател на Надзорниот одбор на „Еуролинк“ да им се обратат на присутните, како најзаслужни за организирање на изложбата на познатиот склуптор. Поради бурата на емоции кај Митриќески, Олга Костовска порача и му се заблагодари на Митриќески за националното богатство што и го остава на Македонија.
Современиот и специфичен приод кон портретот, човечката фигура и торзото се главните елементи вo творештвото на академик Митриќески, оставајќи особен белег во современиот скулпторски израз во Република Македонија. Едноставноста е претпознатливиот знак во неговото творештво. Академик Митриќески не раскажува, туку создава, врзувајќи ги сите времиња во едно време.
Во изминативе седум децении акад. Митриќески има реализирано над 350 дела: фигури, актови, композиции, торза, портрети, користејќи трајни материјали, како што се бронза, мермер и дрво. Академикот своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат. Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев“, многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста. Академик Митриќески е добитник на повеќе награди и признанија.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 16 јуни.

Фотографии од настанот: