На 28 април 2017 г. во посета на МАНУ престојуваше проф. д-р Оливер Шмит, член на Австриската академија на науките. За време на посетата, проф. Шмит оствари средба со претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити и со членовите на Извршниот одбор.
На почетокот, претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити го запозна проф. Шмит дека МАНУ и Австриската академија на науките имаат воспоставено формална соработка со потпишувањето на првиот договор за соработка во 1996, кој потоа беше продолжен во 2001 година. Исто така, голем број членови на МАНУ и научни работници по различни основи имале научни престои во Австрија и соработувале со повеќе научни институции од различни области, а особено од медицинските и економските науки. Акад. Фити ја изрази заложбата за интензивирање на соработката и во рамките на т.н. „Берлински процес“, каде што улогата на Австриската академија на науките е голема.
Проф. Шмит ги запозна присутните со заложбата на Австриската академија на науките за интензивирање на соработката со академиите од соседните земји и пошироко, а со тоа и за интензивирање на соработката со МАНУ. Од јуни 2017 г. проф. Шмит ќе стане дел од Претседателството на Австриската академија на науките, со што се очекува негова поддршка во соработката на МАНУ.
Освен тоа, проф. Шмит ја наведе и можноста за соработка во рамките на т.н. „Берлински процес“, во кој Австриската академија на науките е активно вклучена. Во рамките на оваа иницијатива, ќе се формира посебна истражувачка фондација за млади научници, со која ќе се овозможи намалување на административните потешкотии при аплицирање на проекти.
Според проф. Шмит, потребно е МАНУ да ги одреди своите приоритети и интереси за соработката со Австриската академија на науките за полесно да се конкретизира соработката. Виена е отворена и за докторанти од Република Македонија, а МАНУ и УКИМ треба да ги дефинираат областите во кои сакаат да испраќаат млади научници на специјализација во Виена. Исто така, потребно е да се обнови и Протоколот за соработка на МАНУ и Австриската академија на науките, но тоа е само формалност, бидејќи постои волја за соработка.
Проф. Шмит во МАНУ го одржа и многу интересното предавање „Политичката дијаспора во Виена во 20-тите години на XX век: Виена како центар на македонските, албанските, и хрватските национални активности“, кое ќе биде отпечатено во списанието ПРИЛОЗИ на МАНУ.
Фотографии од настанот: