На саемот на книгата на 5 април 2017 год. акад. Митко Маџунков одржа промоција на своето најново дело насловено „Приказни за ѓаволот“, само еден ден по неговото излегување од печат. Пред бројните посетители акад. Маџунков ја претстави својата книга со кратки раскази преку воведно образложение на своето творештво на кратка проза кое е започнато од 1984 год. наваму и во кое се вбројуваат неговите познати дела „Меѓата на светот“, „Парадоксален сон“, „Дрвото на Нарајана“, „Грабнувањето на Европа“ и „Астрагали“. Понатаму во својот говор акад. Маџунков на своите читатели им даде поопширно објаснување за настанокот на ова дело кое што е создавано во последните неколку години и воедно неговата содржина е поврзана со актуелните настани и збиднувања. Првите раскази од ова дело се објавени во првиот број на „МАНУскрипт“, еден дел се објавени во „Астрагали“, а со придодавање на уште еден дел кратко прозно творештво на авторот ова дело конечно е сега објавено. Како и останатите дела од творештвото на акад. Маџунков така и „Приказни за ѓаволот“ е оценето со врвни оценки и се вбројува во ремек делата на македонското кратко прозно книжевно творештво.