На 5 април 2019 година во свечената сала на собранието на општина Кавадарци беше промовирана монографијата Алшар – светско природно наследство (Allchar – a world natural heritage) од авторите Глигор Јовановски, Блажо Боев, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски и Иван Боев. На промоцијата присуствува неколку членови на академијата и вработени во МАНУ, членови на Советот на општината Кавадарци и граѓани на Кавадарци.
Промоцијата беше отворена со Поздравна реч на градоначалникот на општина Кавадарци м-р Митко Јанчев и Пригодна реч на Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите – академик Таки Фити. Тие со одбрани зборови се осврнаа на монографијата и значењето на овој настан за општина Кавадарци, како и за определбата на МАНУ, нејзината активност и промоцијата на нејзините најзначајни изданија да ги промовира пошироко и во останатите градови во Републиката.
Монографијата беше промовирана од академик Влада Урошевиќ, чие импресивно претставување беше проследено со големо внимание од присутните на промоцијата.
На крајот свои обраќања имаа академик Глигор Јовановски и проф. д-р Блажо Боев, дописен член на МАНУ, од авторскиот тим на монографијата.
Пред почетокот на промоцијата членови на академијата и вработени во МАНУ кои присуствуваа на промоцијата го посетија локалитетот Алшар, во близина на селото Мајдан, каде што имаа можност да се запознаат со природните убавини на овој простор.
Фотографии од настанот: