Untitled logo

Извршниот одбор на Претседателството на МАНУ оценува дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија претставува добра основа за проширување и продлабочување на соработката меѓу двете држави во сите области на општествениот живот: економијата, науката, културата, образованието, здравството, европските и евроатланските интеграциски процеси, безбедноста и мирот на Балканот и во Европа итн. Договорните страни прифаќаат развојот на меѓусебната соработка да биде заснован врз принципите на заемно почитување, доверба, разбирање и толеранција, а во интерес на граѓаните на двете земји.  Во текстот на Договорот експлицитно стои дека … “сеопфатниот развој и продлабочување на пријателските добрососедски односи … одговара на интересите на народите на Република Македонија и на Република Бугарија“ и дека Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик и на бугарски јазик, согласно Уставите на двете држави, што претставува голем исчекор напред во однос на постепеното надминување на бројните идеолошки предрасуди и фрустации кои се резултат на тешкото историско наследство на Балканот.

МАНУ искажува подготвеност активно да учествува во дебатите во рамките на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија којашто ќе ги третира најчувствителните прашања во областа на историјата и образованието  и да го даде својот полн придонес во научното, објективно и аргументирано толкување на историските настани и собитија, во зголемувањето на заемната доверба меѓу научниците и уметниците од двете земји,  во разрешувањето на спорните прашања и во заштитата на нашите национални интереси, во согласност со научните факти, меѓународното право и европските вредности и критериуми.