Животот и делото на Оливера Јашар-Настева*
Оливера Јашар-Настева е родена на 25 ноември 1922 година во Белград. Основното и средното образование го завршила во Скопје, а матурирала во Белград. Студиите ги започнала во Белград, а дипломирала во 1949 година на Групата за француски јазик и литература при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Во текот на студиите и по дипломирањето работела како професор по француски и по македонски јазик во средното образование. Во 1959 година се вработила како асистент по предметот Историја на македонскиот јазик на Катедрата за јужнословенски и балкански јазици при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Во 1962 година на истиот факултет ја одбранила својата докторска дисертација под наслов „Турските лексички елементи во македонскиот јазик“. По одбраната на докторската дисертација почнала да работи како професор, во 1969 година била избрана за вонреден професор, во 1975 година за редовен професор по истиот предмет, а во 1981 година за редовен професор по предметот Општа лингвистика. Покрај наставно-образовната и научноистражувачката дејност, Оливера Јашар-Настева се залагала и за оформување на катедрите за турски и албански јазик. Поради балканистичката определба, таа била ангажирана да предава на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, на Катедрата за турски јазик и литература, на која била и нејзин прв раководител, и на Катедрата за албански јазик и литература. Паралелно со овие активности, го презентирала македонскиот и турскиот јазик, пред сè во балкански контекст, во земјава и во странство.
Ако добро се анализира библиографијата на трудовите на академик Оливера Јашар-Настева може да се согледа дека лексикологијата, а пред сè турските лексички елементи се доминантни во нејзините научни трудови и дека темата на докторската дисертација доживотно ја надоградувала, усовршувала и применувала во разновидни области и кај разновидни автори. Доказ за тоа се околу половина од нејзините 136 научни трудови-студии што директно или индиректно ги обработуваат турцизмите во рамките на македонскиот јазик и литература или во балкански контекст, двете нејзини објавени монографии под наслов „Турските лексички елементи во македонскиот јазик“ и „Турски елементи во јазикот и стилот на македонската народна поезија“ директно се поврзани со турцизмите, а во третата монографија под наслов „Македонски текстови 10-20 век“ што ја работела заедно со Блаже Конески може да се следи застапеноста и на турцизмите во овие текстови според вековите.
Иако докторската дисертација на Оливера Јашар-Настева под наслов „Турските лексички елементи во македонскиот јазик“ беше одбранета во 1962 година, таа беше објавена по триесет и девет години, во 2001 година, речиси година и половина по нејзината смрт (2000 година), со залагање на редакторот д-р Олга Иванова. Постојните копии на докторската дисертација пишувани на машина за пишување со децении се користеа од многу домашни и странски лингвисти. Но, по објавувањето, ова дело стана достапно за поширок круг читатели и пробуди голем интерес. Со тоа уште еднаш се потврди вистината дека факторот време не влијае на квалитетот на добро подготвените научни трудови.
Со своите богати и бројни примери и со своите аргументирани научни ставови во научните трудови-студии и во двете монографии, од една страна со турцизми го збогатувала лексичкиот фонд на македонскиот јазик, а од друга страна влијаела на нивната стандардизација. Не е случајно што Димитар Пандев, на 11 јануари 2000 година, во говорот на комеморативната седница по повод смртта на Оливера Јашар-Настева го рече следново: „…Оливера Јашар-Настева им припаѓа на оние лингвисти кои во науката влегуваат на голема врата со солидна научна елаборација и јасно оформени научни погледи и ставови, и кои постојано ги продлабочуваат своите научни сознанија со респект спрема резултатите на своите претходници и со обмислен увид во достигнувањата на современата наука за јазикот…“ Токму поради овие квалитети таа е избрана за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите на 14 мај 1979 година, а за редовен член на 21 ноември 1983 година. Во 1979 година е избрана и за член во „Турк Дил Куруму“ (Türk Dil Kurumu), што е највисока институција во областа на лингвистиката и турскиот јазик во Р. Турција. При ова сакам да истакнам дека таа досега е единствен лингвист од Македонија што била избрана за член во „Турк Дил Куруму“.
* Текстот е извадок од трудот „Придонесот на Оливера Јашар-Настева во збогатувањето, стабилизацијата и стандардизацијата на турските лексички елементи во македонскиот јазик“ на проф. д-р Марија Леонтиќ, објавен во: Зборник на трудови од научниот собир на тема Придонесот на македонските лингвисти во стабилизацијата и во стандардизацијата на јазичната норма на македонскиот јазик одржан на 11-12 мај 2011, Јазикот наш денешен, книга 21, стр. 77–86, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје, 2012.
Библиографија на Оливера Јашар-Настева
Турските лексички елементи во македонскиот јазик