Во издание на Лексикографскиот центар при Македонската академија на науките и уметностите, излезе од печат најновата книга на акад. Митко Маџунков под наслов „Траги во времето“.
Во оваа книга се вклучени интервјуа, настанати во периодот од приближно половина век, што повеќе или помалку се совпаѓа со времето на книжевната дејност на акад. Маџунков, на која тие најмногу и се однесуваат, но истовремено, го посочуваат и неговиот однос кон актуелните состојби. Покрај пишаните интервјуа, во голем дел со есеистички карактер, тука се и бројните усни интервјуа со послободна форма во кои акад. Маџунков благовремено се изјасни и за најактуелните прашања кои битно го определија нашиот живот, менувајќи го минатото и пренасочувајќи ја иднината.
По повод објавувањето на оваа книга, Санде Стојчевски пишува: „Речиси редовно, во сите пообемни и поинспиративни интервјуа, Маџунков спонтано, најголемиот број одговори на прашањата што особено го интересираат и што по правило се подиректно насочени спрема законитостите, тајните, заблудите или предрасудите на литературната уметност, ги развива во еден вид темелни мини есеи, во расправи од кои извираат неговите искуства, трагите и знаците, а зошто не и лузните… Карактеристично својство на овие одговори-есеи е нивното спонтано населување со асоцијативни појаси, пред сè од областа на литературната уметност, но во вид на ненаметливи екскурси, и од сите сродни или подалечни, но сепак со ератични допири поврзани дисциплини со литературата.“