Во соработка помеѓу Институтот за геостратешки истражувања и наворешна политика при МНР и Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, денес во Македонската академија на науките и уметностите, се одржа ТРКАЛЕЗНА МАСА на тема „Постизборни предизвици за евроатлантските интеграции на Македонија“.
Тркалезната маса беше организирана во соработка со научното тело think-tank-от Global Strategic Issues Research Initiative (GSIRI) –Иницијатива за истражување на глобалните стратешки прашања, кое e воспоставено од заедничката соработка меѓу двете институции со цел да ги истражува глобалните стратешки прашања со кои се соочуваат Република Македонија и светот.
На тркалезната маса, покрај претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, раководителот на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ акад. Владо Камбовски и директорот на Инстутот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР амб. Абдулкадар Мемеди, присуствуваа амбасадори и претставници на амбасади на земји членки на ЕУ и НАТО акредитирани во Република Македонија, како и постојаните членови на тинк-тенк телото GSIRI сочинети од претставници на државни институции и академската заедница.
Тркалезната маса се одвиваше врз основа на Chatham house rule, при што се разви конструктивна, содржајна и плодна дискусија каде што беа нагласени достигнувањата на Република Македонија во реформските процеси на евроатлантското интегрирање на земјата, како единствена перспектива за иднината на Република Македонија.
- Спроведувањето на изборниот процес беше позитивно оценето, изразувајќи очекување дека во иста демократска атмосфера и со зајакнат институционален капацитет ќе се продолжи и во пост-изборните текови.
- Од страна на учесниците беше констатирано дека формирањето на стабилна законодавна и извршна власт и јакнење на независноста на судството, е од клучна важност за натамошниот тек на процесот на евроатлантско интегрирање со цел спроведување на реформската агенда согласно извештаите на Европската комисија.
- На основа на согледувањето на глобалните геополитички текови беше потенцирано дека актуелните околности наметнуваат итна потреба од внатрешно политичко и општествено консолидирање врз основа на демократските принципи на сеопшт дијалог, владеење на правото и продолжување со економскиот развој и надградување на институционалните и демократски капацитети. Во тој поглед беше оценето дека стабилна и безбедна Македонија е еден од клучните столбови на стабилен и безбеден Балкан и Европа, воочи актуелните безбедносни предизвици како што се мигрантската криза, борбата против тероризмот и екстремизмот итн.
- Во тој контекст, од членовите на GSIRI беше упатен апел, Република Македонија да биде активно вмрежена во новата европска безбедносна архитектура и интеграциони структури.
Имајќи го предвид придонесот кој произлегува од средбите од ваков вид, GSIRI и во иднина ќе продолжи да биде иницијатор на активности кои ќе дадат своевидна поткрепа во насока на реализирање на стратешките приоритети и национални интереси на Република Македонија, во синергија и дијалог помеѓу академската заедница, владините институции и меѓународните партнери.
Повеќе информации за составот на членови и целите на GSIRI може да погледнете: ТУКА.
Скопје,
19 декември 2016
Фотографии од настанот: