Во рамки на договорот за меѓусебна соработка помеѓу огранокот на Викимедија во Македонија – „Споделено знаење“ и МАНУ, а во склоп на активностите за одбележување на 15 годишнината од започнувањето на Википедија, на 22.01. во библиотеката на МАНУ се одржа тричасовен уредувачки маратон на тема „Егејска Македонија“. На уредувачкиот потфат учествуваа 3 корисници – уредувачи, а беа присутни и 2 студентки по филологија од Полска кои се на размена во Македонија и кои ги покажаа своите одлични познавања на македонскиот јазик. Со поддршка на вработените, од богатиот научен книжен фонд на библиотеката беа обезбедени 30 книги посветени на различни теми и области поврзани со егејска Македонија како населени места, географија, дијалекти, наречја и говори, историски настани и личности од Илинденското востание, НОБ и Граѓанската војна, од кои на Википедија на македонски јазик се уредија вкупно 26 статии од кои 15 новосоздадени и 11 значително подобрени и надополнети. Ова е прв ваков уредувачки потфат на Википедија на македонски јазик кој се одржува во библиотеката на МАНУ, која и понатаму ќе ги отвори вратите на своите простории и богат книжен фонд за уредување на енциклопедиските статии со точни, веродостојни и научно потврдени податоци, факти и информации од сите науки и уметности.
Фотографии од настанот: