Untitled logo

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, акад. Таки Фити, во периодот од 14 до 16 јуни, учествуваше во работата на Третата заедничка научна конференција (3rd Joint Science Conference), во Париз, во рамките на Western Balkans Process/Berlin Process. На овие конференции (до сега се оддржани три – во Хале, Виена и Париз) учествуваат претседатели на националните Академии на науките и уметностите, ректори на универзитетите и видни професори и научници и истражувачи од земјите на Западен Балкан , но и од земјите на ЕУ кои го иницираа процесот – Германија, Франција, Австрија и Италија. Словенија и Велика Британија исто така активно партиципираат во т.н. Western Balkans Process/Berlin Process. Велика Британија останува како активен партиципиент и по Брегзит – от.

МАНУ редовно и активно учествува на овие конференции, со свои претставници, дискусии, предлози и во формулирањето на заклучоците од конференциите.

Домаќин на третата Конференција беше Француската академија на науките во соработка со германската национална академија Леополдина.

На Конференцијата се работеше во две секции, т.е. на две клучни теми:

  1. Инвестирање во млади научници
  2. Образование, иновации за вработување и раст

Во рамките на првата тема, фокусот е врз изнаоѓање на решенија за ублажување на процесот на одлив на мозоци (млади научници) од земјите на Западен Балкан. На Конференцијата беше донесен заклучок за формирање на меѓународна и независна истражувачка фондација “Western Balkans Research Fundation” (со седиште во Трст), со годишен буџет од околу 24 милиони евра, која во наредните 7 години ќе доделува грантови на млади научници од земјите на Западен Балкан кои сакаат да формираат истражувачки центри (центри на одличност) во сопствените земји. Висината на поединечните грантови ќе изнесува 750.000 евра.

Во рамките на втората тема, фокусот беше во изнајдување на пристапи за затворање на постојниот јаз, типичен за земјите на Западен Балкан, помеѓу вештините на дипломираните студенти стекнати преку формалниот образовен систем и потребите и барањата на пазарот на трудот. На улогата на иновативното претприемништво и соработката помеѓу универзитетите и бизнисите (претпријатијата) им беше обрнато посебно внимание.

Western Balkans Process/Berlin Process има и свој политички дел. Имено, заклучоците донесени на оваа конференција (3rd Joint Science Conference) од страна на научниците, ќе бидат доставени на разгледување, расправа, и договор за нивно имплементирање во практиката на претставниците на државите и владите на земјите  учесници и иницијаторите на процесот, односно на Самитот за Западен Балкан кој ќе се оддржи во Трст на 12 јули 2017 година, на кој ќе присуствуваат и претставници на Република Македонија.

Претседателот на МАНУ, присуствто на Конференцијата го искористи и за средби и разговори со претседателите на академиите и претставници на академиите на Франција, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и др., за идната меѓуакадемиска соработка. Во овој контекст, со претседателот на на Академијата на науките на Франција, акад. Себастиен Кандел, беше договорено да се иницира постапка за потпишување на официјален Меморандум на соработка помеѓу двете Академии.

Од македонска страна на Конференцијата присуствуваа и ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Замир Дика и проф. д-р Зоран Хаџи – Велков од Електротехничкиот факултет во рамките на УКИМ од Скопје.

Фотографии од настанот: