На 14 април 2016 година (четврток), во Македонската академија на науките и уметностите свое пристапно предавање на тема „Штросмаер и македонскиот идентитет“ одржа проф. д-р Златко Крамариќ, кој од 2015 година е избран за члена на МАНУ надвор од работниот состав. Предавањето се одржа во присуство на педесетина видни личности од академската заедница, научната и стручната јавност од областа на книжевноста, литературната уметност, филолошката наука и културата. Со своја поздравна реч за Златко Крамариќ која одржа академик Влада Урошевиќ започна пристапното предавање кое се осврна на темата „Штросмаер и македонскиот идентитет“, претставувајќи своевиден сублимат на долгогодишното повеќе децениско научно-истражувачко интересирање на авторот за македонската книжевност. Изнесувајќи значајни сознанија за улогата на бискупот Јосип Јурај Штросмаер кој помогнал во печатењето на Зборникот на браќата Миладиновци, проф. д-р Златко Крамариќ како современ хрватски амбасадор и дипломат се осврна не само во доменот на македонската литература, туку и во пошироките домени на македонската култура и идентитет, како и на општествената и политичка ситуација во Македонија во минатото и денес, за што често пишувал и во повеќето свои објавени дела. Предавањето заврши со врачување на свечената признаница за членство на проф. д-р Златко Крамариќ во Академијата, од страна на претседателот Таки Фити.

 

Фотографии од настанот: