РЕЏЕП МЕИДАНИ (Rexhep Meidani) е роден на 17 август 1944 година во Тирана, Албанија. Дипломирал физика на Универзитетот во Тирана, во 1966 година, а постдипломски студии завршил на Универзитетот во Каен, Франција, во 1974 година. Докторирал во 1976 година, во областа на физика на цврсто тело, а титулата доктор во областа на Condense Matter Physics ја одбранил на Универзитетот во Тирана, Албанија (Doctor es Sciences) во 1984 година.
Во периодот од 1974 до 1996 година бил научен истражувач во Centre d’Études Nucléaire de Saclay (C.E.N.), Saclay, Франција. Од 1966 година бил на различни наставни функции на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Тирана, каде е редовен професор по теоретска физика од 1987 година. Бил декан на Природно-математичкиот факултет од 1988 до 1992 година, раководител на Одделот за општа физика од 1986 и раководител на Одделот за теоретска физика од 1987, 1992–1996. Проф. Меидани активно учествувал во работата на високообразовните институции во Албанија и регионот во целиот период од 1966 до 2015 година на Универзитетот во Тирана, Универзитетот во Приштина (1977–981), Тетовскиот државен универзитет (2006–007), како и на други универзитети во регионот. Од 1997 до 2002 година проф. Реџеп Меидани е претседател на Република Албанија. За член на Албанската Академија на науките е избран во 2003 година.
Проф. д-р Реџеп Меидани е член и почесен член на голем број меѓународни организации, асоцијации и институти, меѓу кои на Клубот од Мадрид, ИЦДЦ од Прага, Институтот за културна дипломатија од Берлин, а воедно е почесен доктор на науки на универзитетите во Истанбул, Солун, Софија, Рим, Бари и Бриџпорт-Конектикат.
Во рамките на својата богата научна кариера објавил 112 научни трудови, монографии, учебници и предавања, а во својата општествено-политичка кариера објавил и 16 политичко-публицистички дела.
За својата научноистражувачка и општествено-полтичка работа Реџеп Меидани е добитник е на голем број признанија и академски признанија меѓу кои златни медали и ордени од Грција, Хрватска, Франција, САД, Романија, Чешка, Црна Гора.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за технички науки.