• Email

    zcecilliarossos@victorus.ca

Датум на раѓање:
28 февруари 1941
Место на раѓање:
В’мбел, Костурско
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2009
Институции:
Катедрата по историја на Универзитетот во Торонто
Област на работа:

Биографија

Проф. д-р Ендрју Росос, (Andrew Rossos) е роден на 28 февруари 1941 година во с. В’мбел/Москохори, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, Република Грција. Поради Граѓанската војна во Грција, како дете-бегалец, во 1948 година, бил префрлен во Чехословачка и живеел во детскиот дом во Соботин, каде што го завршил основното образование (1948-1954), а потоа учел во Техничката гимназија во Прага (1954-1957). Кон крајот на 1957 година, заедно со семејството се преселил во Торонто, каде што ja завршил гимназијата. Во 1963 година ги завршил студиите по историја на Мичигенскиот државен универзитет, а во 1971 докторирал на Универзитетот во Станфорд.
Се вработил на Катедрата по историја на Универзитетот во Торонто и тука ги поминал сите степени на универзитетското напредување (од предавач до редовен професор, 1967-1982). Предава современа историја на Русија и на Источна и Централна Европа и ги проучува руско-балканските врски и односи, чешката историја, балканските национализми и посебно македонското прашање и историјата на Македонија и на Македонците. Владеењето на македонскиот, англискиот, чешкиот, рускиот, грчкиот, бугарскиот, српско- хрватскиот и италијанскиот јазик и користењето на германскиот, полскиот, словачкиот и францускиот му овозможило да истражува во архивите и библиотеките во Станфорд, Њујорк, Торонто, Лондон, Москва, Прага, Виена, Рим, Белград, Софија, Солун, Атина и Скопје и да ги согледа и компетентно да ги толкува историските процеси и состојби во Македонија и за Македонците. Држи предавања на различни универзитети, учествува во меѓународни проекти и на конгреси и симпозиуми по светот и соработува во значајни зборници и угледни списанија.
Неговата библиографија од неколку илјади единици спаѓа меѓу најимпресивните со која може да се пофали еден историчар. Toj е меѓу најцитираните автори во американските и канадските универзитетски публикации.
Како капитални дела во опусот на Росос се издвојуваат: „Русија и Балканот“ – меѓубалканското ривалство и руската надворешна политика (1980), „Националната идеологија и меѓусебните војни во Неточна Европа“ (1995), „Источноевропските политики и општества“ (2000), „Југославија и нејзините историчари – разбирање на балканските војни во деведесеттите“ (2003), како и најновото дело „Македонија и Македонците, историја“ (2008) кое претставува дел од прославената серија на студии во рамките на Хуверовиот институт, што содржи повеќе дела за нациите од централна Азија и Источна Европа и ги истражува прашањата на нивните идентитети, судири, политичка и социјална организација, како и нивната модернизација. Ова дело на Росос предизвика особен интерес во светот. Употребувајќи исклучително документарна градба зачувана низ историјата, авторот ja прикажува Македонија како стратегиски и економски крстопат на севкупната балканска историја. Во оваа книга Росос ги проучува Македонија и Македонците од античките времиња до се­гашни дни. Според него, т.н. македонско прашање е особено усвитено во последниве 150 години и претставува централна тема на поделениот Балкан. Соседните народи војуваат заради поседување на Македонија, негирајќи им ги правата на Македонците за свој идентитет – територијален, политички, етнички и национален.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.