Проф. д-р Илбер Ортајли (Ilber Ortayli) потекнува од семејство на кримски Татари. Во времето на Сталиновите прогони, протерани од родното место, неговите родители биле сместени во логор за бегалци во Бреген, Австрија, каде што во 1947 год. се родил Илбер Ортајли. Кога имал две години неговото семејство се преселило во Турција.
Во Истанбул завршил основно образование и австриско средно училиште. Ja завршил школата Ататурк во Анкара. Дипломирал на Факултетот за политички науки, Катедра за јазик, историја и географија на Универзитетот во Анкара.
Постдипломски студии работел под менторство на проф. д-р Халил Иналџик. Магистрирал на Универзитетот во Чикаго.
Зборува турски, отомански, татарски, германски, арапски, француски, персиски и англиски јазик.
Докторирал во 1978 година на Факултетот за политички науки, на Универзитетот во Анкара на тема Локалната администрација во периодот на Танзиматот. По докторирањето се вработил на истиот Факултет. Во 1979 година бил избран за вонреден професор. Во 1982 година ja објавил книгата Германското влијание врз Османското царство. Во 1982 година го напуштил Факултетот за политички науки. Продолжил да предава на други универзитети во Турција, Европа и Русија. Во 1989 година се вратил на Универзитетот во Анкара, каде работи како редовен професор по историја и е шеф на Катедрата за административна историја. Од 2004 година д-р Ортајли е директор на Музејот Топкапи во Истанбул.
Има публикувано статии за османската и руската историја, посебно за градовите и историјата на јавната администрација, дипломатијата, културата и интелектуалната историја. Добитник е на наградата на Фондацијата „Ајдин Доган“ во 2001 година. Член е на Фондацијата на интернационални студии, на Турско-руската асоцијација на интелектуалци и на други научни асоцијации.
Проф. Илбер Ортајли објавил шест студии и 32 библиографски единици на англиски, германски, француски, руски и турски јазик.
Проф. д-р Илбер Ортајли е научник со широк интерес за историјата на Отоманската империја и народ. Предмет на неговите истражувања се теми од политичката и културната историја на Турција, влијанието на одредени европски сили врз политичкиот и културниот живот на Империјата. Учествувал на бројни симпозиуми во земјата и во светот.
Професор Илбер Ортајли со начинот на кој ги излага резултатите на своите истражувања се претставува како модерен турски историограф. Неговите излагања се јасни, прецизни и аргументирани.
Д-р Илбер Ортајли развојот на историските, економските, политичките и културните настани во Отоманската империја не ги третира изолирани сами за себе. За него Империјата не е изолиран остров. Без оглед на нејзиниот специфичен економски систем (османлискиот феудализам) и на карактерот на исламската култура, таа го трпи политичкото, економското и културно влијание на Европа. Впрочем, Европа исто така не била имуна на културното и политичкото влијание на Отоманската империја.
Во обемната историографска продукција на д-р Ортајли, особено внимание заслужува неговата книга „Најдолгиот век на Империјата“. Тоа дело првпат било објавено во 1983 година, а до 2000 година доживеало осум изданија. Предмет на нејзиното проучување е XIX век. Тоа е еден од најзначајните векови не само во историјата на Османлиското царство, туку и во историјата на европските и балканските народи, век на граѓански и национални револуции. Тоа е век во кој Отоманската империја брзо опаѓа, губи големи територии на кои се создаваат нови држави. Тоа е век на силно експонираните противречни интереси на големите и малите балкански земји за наследството на Отоманската империја на Блискиот исток и на Балканот.
Тезите што ги развива д-р Ортајли со оваа книга предизвикуваат интерес за компарирање со тезите на балканските историчари кои се занимаваат со појавата, развојот и афирмацијата на националните процеси на балканските народи под власта на Отоманската империја.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.
topkapisarayi@munet.com