Симеон Ока е роден на 3 октомври 1935 година во Белград, каде што дипломира на Машинскиот факултет во 1960 година. Во 1966 година магистрира на Електротехничкиот факултет во Белград, а во 1971 година се стекнува со докторат на Машинскиот факултет.
По дипломирањето почнува да работи во Институтот за нуклеарни науки во Винча, во Лабораторијата за реакторска термотехника каде го поминува целиот свој работен век, избиран во научните звања – од асистент, во 1964, до научен советник, во 1986 година.
Во 1979 е избран за вонреден, а во 1986 година за редовен професор на Машинскиот факултет во Белград.
Во својот извонредно богат научен опус, проф. д-р Симеон Ока се занимава со изучување на физичките процеси во енергетиката и тоа во граничните области во механиката на флуиди.
Резултатите од своите истражувања ги објавува во околу 300 трудови, во национални и интернационални публикации.
Последните десеттина години проф. Симеон Ока активно се занимава со стратешки прашања за енергетскиот развој, енергетската ефикасност и користењето на обновливи извори на енергија. Како директор на Националната програма за енергетска ефикасност, раководи со изработката на Стратегијата за истражување во областа на енергетската ефикасност во Србија.
Соработката на д-р Ока со научните институции во Македонија почнува уште на крајот на 70-тите години. Повеќе магистранти и докторанти од Машинскиот факултет во Скопје ги реализираат експериментите во Лабораторијата за термотехника и енергетика во Винча под негово раководство, а група соработници на Институтот во Винча, помеѓу кои најангажиран е Симеон Ока, ги реализираат постдипломските студии на Машинскиот факултет во Скопје од областа мерни методи, мерења и обработка на податоци.
Соработката со Машинскиот факултет во Скопје продолжува преку заеднички проекти, финансирани од страна на министерствата на науки на Србија и Македонија. Како резултат од оваа соработка, во Скопје се изградува и сопствена експериментална база за истражување на согорувањето во флуидизиран слој.
Во почетокот на 90-тите години почнува и соработка со Техничкиот факултет во Битола.
При крајот на 90-тите години соработката со Машинскиот факултет во Скопје и со Техничкиот факултет во Битола резултира во реализација на голем меѓународен симпозиум во Охрид, каде се формулира Спогодба на балканските земји за соработка во областа на енергетиката, процесната техника и екологијата што ja потпишаа 18 институции од Југоисточна Европа, меѓу кои две се од Македонија.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за технички науки.