• Email

    ichak@adizes.com

Датум на раѓање:
22 октомври 1937
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2009
Институции:
Универзитетот во Лос Анџелес, Калифорнија и „Адижес институтот“ во Санта Барбара, Калифорија, САД
Област на работа:

Биографија

Проф. д-р Исак Адижес (Isac Adizes) е роден на 22 октомври 1937 година во Скопје, Република Македонија. Факултет за економски и политички науки завршил на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, во 1963 година. Магистрирал на Универзитетот Колумбија, Њујорк, а на истиот Универзитет докторирал во 1965 година.
Во 1967 година бил избран за доцент на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, а во 1973 за вонреден професор. На истиот Универзитет во 1984 година бил избран за вонреден професор (III степен). Д-р Адижес бил визитинг-професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, на Универзитетот во Тел Авив, во Стенфорд и на Универзитетот Колумбија.
Д-р Адижес држел предавања од областите: теорија и политика на менаџмент, бизнис политика, теорија на организацијата, менаџментот во уметноста, менаџмент на непрофитни организации и јавен сектор, организационо однесување и менаџмент процес и др, на повеќе од 30 универзитети, насекаде во светот – Перу, Израел, Питсбург, Шведска, Мексико, Парис, Русија, Кина, Украина, Казахстан, Литванија, бившите југословенски републики (вклучувајќи ja и Република Македонија) итн.
Д-р Исак Адижес е основач и претседател на Адижес институтот во Санта Барбара, Калифорнија, водечка консултантска фирма од областа на менаџментот, со канцеларии насекаде во светот – Институт кој од страна на Executive Excellence, е рангиран помеѓу десетте најдобри консултантски организации во светот. Адижес е декан на Високата школа за студии во областа на лидерството и промените, академски советник на Високата школа за менаџмент на националната економија на Руската Федерација и член на Меѓународната Академија за менаџмент.
Во текот на четириесетгодишната професионална дејност, д-р Исак Адижес дал огромен научен придонес и се стекнал со светска слава во три области на менаџментот: прво, во шеесеттите години бил водечки автор во областа на истражувањето на учеството на работниците во одлучувањето, кога ги објави познатите книги: Новите димензии на самоуправниот менаџмент и Индустриска демократија, кои потоа беа преведени на јапонски и шпански јазик. Второ, во 1969 година, Адижес ja воспоставил првата високошколска програма во светот од областа на менаџментот на уметностите за што исто така објави книга. Трето, во 1975 година, Адижес ja развил водечката методологија за управување со организационите промени, патентирана под негово име (Адижес методологија), што му донесе светска слава. Од оваа област, тој, во меѓувреме, објавил десет книги кои денес се преведени на 26 јазици и околу стотина статии, видео и аудио презентации и други публикации. Денес, стотици професионалци (сертифицирани од страна на неговиот институт) во светот ja предаваат и практикуваат неговата методологија за управување со промените во голем број фирми (од претприемнички фирми кои се во почетната развојна фаза, до фирми рангирани помеѓу стоте најголеми во светот), во влади, универзитети, нестопански дејности итн. Методологијата е успешно спроведена во повеќе од 400 фирми (вклучувајќи тука и светски познати фирми) и во голем број влади во светот. Неговата најпозната книга од оваа област Corporate Life Cycles: How Organizations Grow and Die and What to Do About It, објавена сега во ревидирано и проширено издание под наслов Managing Coporate Life Cycles била избрана за една од десетте најдобри бизнис книги од страна на The Library Journal. Денес постојат бројни сведоштва на врвни менаџери на големи фирми, насекаде во светот, за ефективноста на Адижес методологијата во разбирањето на филозофијата на проме­ните во организациите (фирми, влади, непрофитни организации итн.), во нивното поимање како континуиран процес со кој органи­зациите треба да се справуваат, за да ги избегнуваат, релативизираат и разрешуваат конфликтните и кризни состојби што со себе ги носат промените, како и сведоштва за конкретните ефекти на фирмите од спроведувањето на Адижес методологијата, кои, дефинитивно, се одразуваат на перформансите на работењето на организациите.
Д-р Адижес е автор или коавтор на 19 книги, 4 монографии, стотици статии, стотици осврти, десетици студии, голем број видео и аудио презентации итн. Неговите трудови се преведени на голем број јазици и објавени во престижни списанија, насекаде во светот.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.