Васа Антуновиќ е роден на 15 јануари 1949 година во Срнетици, општина Дрвар, БиХ. На Медицинскиот факултет во Белград дипломирал во 1973 година. По завршените студии, Васа Антуновиќ завршува постдипломски студии на Медицинскиот факултат во Белград и во 1978 година го брани магистерскиот труд под наслов Клиничка слика и дијагностика на туморите на бочните и третата мозочна комора. Докторирал во 1987 година на Медицинскиот факултет во Белград, со дисертација на тема Микрохируршко лекување на туморите на понто-церебеларниот агол со посебен осврт на зачувување функцијата на зафатените кранијални нерви.
Во Институтот за неврохирургија се вработува во 1974 година и работи сè до своето пензионирање во 2014 година. Својата наставна активност, како редовен професор по предметот неуронаука ја продолжува на Државниот универзитет во Нови Пазар. Од изборот за асистент-приправник на Медицинскиот факултет во Белград во 1979 година ги поминал сите редовни избори во повисоки звања, а во 1997 година е избран во звањето редовен професор по предметот неврохирургија.
Специјалистичкиот испит по неврохирургија, го завршува во 1980 година. По отворањето на Угентниот центар на КЦ во Србија е назначен за началник на Оделението за неврохирургија, а потоа и за помошник директор на Институтот за неврохирургија. Од 1992 година до 1995 ја извршува функцијата директор на Институтот за неврохирургија на КЦС, а од 1993 до 1998 година е медицинаски директор и заменик генерален директор на Клиничкиот центар Србија. Бил и началник на одделение во Институтот за неврохирургија на КЦС и советник директор на Институтот за неврохирургија на КЦС.
Во рамките на своите професионални активности д-р Антуновиќ бил член на Интернационалниот издавачки совет на списанието Chirurgia Neurologica, на редакцискиот одбор на списанијата Acta traumatologica Serbica, Acta Chrurgica Iugoslavica и Chirurgia Urgens, на International Advisory Board European Journal of Emergency Surgery како и на Acta Chirurgica Mecadonica. Д-р Васа Антуновиќ бил претседател на Здружението на неврохирурзи на Југославија, делегат во Извршниот комитет на Европската асоцијација на неврохируршките друштва (EANS), а од 1992 до 2002 година член на Извршниот комитет на Светската федерација на неврохируршки друштва (WFNS). Како претседател на Организациските одбори/комитети организирал неколку конгреси и интернационални конференции. Во периодот од 2007 до 2011 година д-р Антуновиќ ја извршувал функцијата претседател на Секцијата за неврохирургија на Српското лекарско друштво. Тој е член на и на Извршниот комитет на Southeastern European Neurosurgical Society. Д-р Васа Антуновиќ е член на Српското лекарско друштво, на Здружението на неврохирурзи на Југославија, на Научното друштво на Србија, на Американската асоцијација на невролошки хирурзи (AANS), на Американскиот конгрес на невролошки хирурзи (CNS) и на European Society of Neurooncology.
Во рамките на својата професионална и научна работа д-р Васа Антуновиќ повеќепати претстојувал во позанти светски универзитетски неврохируршки клиники: UC San Francisco, UC Los Angeles, Mt Sinai Hospital, New York University Hospital, University HNO Нospital Zurrich, National Hospital, London, L`Hopital Neurochirurgical Lyon. Тој исто така завршил и курсеви за микрохирургија во Клиничкиот центар во Љубљана и во Неврохируршката клиника во Хановер. Д-р Антуновиќ бил косултат за неврохирургија во Клиничките центри во Крагуевац, Подгорица и Бања Лука, Ниш и Скопје, а воедно има звање на визитинг професор на Универзитетот во Крагуевац, на Универзитетот во Verona Италија и на University of Southern California, Los Angeles, звање редовен професор на Медицинскиот факулктет во Бања Лука и одговорен наставник за предметот неврохирургија на Медицинскиот факултет во Подгорица.
За својата богата професионална и научна работа проф. д-р Антуновиќ е добитник многубројни награди и признанија: Плакета на Неврохируршката клиника за придонес во хируршкото лекување на туморите во понто-церебеларниот агол во 1988 година и Плакета за животен допринос по повод 90 години неврохирургија во Србија и 75 години од основањето на Неврохируршката клиника на КЦ Србија. Како коавтор е добитник на наградата “Collumela award” за најдобар труд на Интерна¬ционалната конференција за невро-трауматологија во 1996 година во Италија. Исто така е добитник на златна плакета на Заводот за издавање на учебници на Србија 1997 година. Добитник е и на награда на Фондација Браќа Кариќ од областа наука за 2002 година. Во 2014 година го добива признанието Витез на медицината во Србија.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за медицински науки.