Датум на раѓање:
5 февруари 1956
Место на раѓање:
Осиек
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2015
Институции:
Област на работа:

Биографија

ЗЛАТКО КРАМАРИЌ e роден на 5 февруари 1956 година во Осиек, Република Хрватска. Дипломирал во 1978 година на Филозофскиот факул­тет на Универзитетот во Загреб на гру­пата предмети славистика и фило­зо­фиј­а. Магистрирал на истиот факултет во 1982, а докторирал во 1985 година на Филолошкиот факултет во Нови Сад. Во 1979 година е избран за аси­с­тент на Педагошкиот факултет во Оси­ек, во 1985 година за доцент на ка­тед­рата за македонска книжев­ност и јазик на Филозофскиот факул­тет на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмаер“ во Осиек. Во 1989 година е избран за вонреден професор при Катедрата за македонска книжевност и јазик, а во 2007 година за редовен професор. Бил на стручни усовршувања на универзитетите во Ванкувер и Вашинг­тон. Како визитинг-професор држел предавања на универзитетите во Ман­хајм, Прага, Скопје, Торонто, Париз, Осло, Москва, Нови Сад, Белград.

Од 1990 до 1992 година, Златко Крамариќ бил претседател на Собранието на градот Осиек, а од 1992 до 2005 година градоначалник на Осиек. Од 1992 до 2008 бил пратеник во Хрватскиот сабор. Од 2009 до 2011 година Златко Крамариќ бил амбасадор на Република Хрватска во Косово, а од 2011 година бил амбасадор на Република Хрватска во Ре­публика Македонија.

Од почетокот на студиите почнува интересирањето на Златко Крамариќ за македонската литература, кое што се интензивира сè повеќе во текот на студиите и набргу добива димензии на вистинска стручност не само во областа на македонската литература, туку и во пошироките домени на македонската култура, како и на општествената и политичка ситуација во Македонија во минатото и денес. На научните собири одржани во Македонија, но и во други земји, Златко Крамариќ настапува со реферати кои ги донесуваат неговите погледи врз актуелните прашања поврзани со македонската книжевност, култура и сфаќањата за иден­титетот, при што по изборот во звањето редовен професрор, Крамариќ има повеќе такви настапи, меѓу кои се истакнуваат  оние во Охрид 2008, 2009, 2010, 2011, Риека 2011, Скопје 2011.

Златко Крамариќ досега објавил шеснаесет книги, огледи и сту­дии, од кои од областа на македонистиката, целосно или делумно се одне­суваат: Огледи за македонските романсиери (Скопје, 1986), Романите на Славко Јаневски (Скопје, 1987), Novi Experimentum Mecedonicum (Osijek, 1988), ж„Makedonske teme i dileme (Zagreb, 1991), Идентитет, текст, нација – интерпретација на црнилата од македонската историја (Загреб, 2009; Скопје, 2010), Политика. Култура. Идентитет (Загреб, 2012; Скопје 2012), Југословенството помеѓу траумата и иденти­те­тот“ (Загреб, 2014; Скопје, 2015).

За книгата Идентитет, текст, нација во 2012 година, Крамариќ ја доби наградата „Кочо Рацин“ за унапредување на хрватско-маке­донските книжевни и културни врски. За целокупната своја активност тој го има добиено и високото признание што го доделува Македонската академија на науките и уметностите – медалот Блаже Конески.

Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за уметност.