Датум на раѓање:
30 март, 1975
Место на раѓање:
Штип, Македонија
Членство во МАНУ:
Член надвор од работниот состав, 2022
Институции:
New York University, New York University Abu Dhabi
Област на работа:

Биографија

Панче Наумов е роден во 1975 година во Штип. Завршил студии по хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1997 година, со просечен успех 9,96, како најдобар студент во генерацијата. Докторските студии ги завршил во 2004 година на Институтот за технологија во Токио (Tokyo Institute of Technology) во Јапонија под менторство на професор Јуџи Охаши (Yuji Ohashi), еден од најпознатите експерти од областа на кристалографијата во светот и претходен претседател на Интернационалната унија за кристалографија. По дипломирањето, во периодот 1998 – 2000 година, работел како асистент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Помеѓу 2006 и 2009 година бил насловен доцент на ПМФ, а од 2009 година е насловен вонреден професор на истиот Факултет.

По докторирањето во Токио во 2004 година, работел како истражувач во јапонскиот Национален институт за материјали (National Institute for Materials Science (2004 – 2007). Во овој институт оформил нова лабораторија за испитување на феномени во цврста фаза, а истовремено работел и на двата јапонски синхротрона, SPring-8 и Photon Factory (KEK). Во 2007 година бил назначен за вонреден професор на Универзитетот во Осака (Osaka University) каде што бил лидер на мала, но прилично активна истражувачка група (2007 – 2011). Потоа бил вонреден професор на Универзитетот во Кјото (Kyoto University), на Институтот за хемиски истражувања (2011 – 2012). Во 2012 година добил понуда од Универзитетот во Њујорк, каде што бил примен како вонреден професор. Во 2017 година добил постојан договор, а во 2020 година бил назначен за професор. Од 2021 е и професор на Институтот за молекулски дизајн во Одделот за хемија при Универзитетот во Њујорк.

Институцијата во којашто сега работи е Универзитетот во Њујорк (New York University) каде што е редовен професор во Одделот за наука и математика во кампусот во Абу Даби (New York University Abu Dhabi) и во Одделот за хемија при Универзитетот во Њујорк (New York University). Иако неговото образование е од полето на хемиските науки, областа на научен интерес му е во доменот на науката за материјалите, а особено хемијата на цврста фаза, динамични молекулски цврсти супстанци, паметни материјали за конверзија на енергија со примена во електрониката и меката роботика.

Заклучно со март 2022 година, проф. Панче Наумов има објавено 251 научни и прегледни трудови. Според базата SCOPUS трудовите му се цитирани 7409 пати со Хиршов индекс 45. Од вкупниот број на неговите објавени научни трудови, над 50 труда се со македонски автори. Овие публикации вклучуваат и такви што се објавени во некои од врвните хемиски списанија, како што се the Journal of the American Chemical Society (IF 15.4; 23 публикации), Angewandte Chemie (IF 15.3; 12 публикации), Nature Chemistry (IF 24.4; 3 публикации), Nature Reviews Chemistry (IF 34.0; 1 публикација), Nature Communications (IF 14.9; 4 публикации), Proceedings of the National Academy of Sciences of the USA (IF 11.2, 1 публикација), Advanced Materials (IF 30.8; 2 публикации), Chemical Communications (IF 6.2; 12 публикации), Chemical Science (IF 9.8; 4 публикации), Advanced Functional Materials (IF 18.8; 1 публикација), и други. Дури 19 од овие публикации се избрани за насловните страници на соодветните списанија со високо светско реноме. На пример, во списанија како што се Nature Reviews Chemistry (2021), Chemical Reviews (2015), Journal of the American Chemical Society (2013, 2020), Angewandte Chemie (2013, 2014, 2015, 2018, две во

2021), Inorganic Chemistry (2022), Chemical Science (2013, 2019, 2020), Advanced Materials (2020, 2022), Chemical Communications (2006, 2007, 2016) и CrystEngComm (2014, 2018). Оваа исклучителна научна активност е резултат на професионален, конструктивен, инклузивен и активен пристап којшто проф. Наумов го негува во неговата истражувачка група, како и добрата подготовка и искуство на членовите на групата, посветеноста на истражувачите, како и нивниот ентузијазам и способност. Резултатите од истражувања на проф. Панче Наумов се честопати опишувани во научно-популарни списанија или портали. Од особена важност се две статии објавени во списанието Chemical Reviews, едно од водечките прегледни хемиски списанија, чијшто фактор на влијание е 60.6 (2021).

Подрачјето на научните истражувања на проф. Наумов е пошироката област на науката за цврста фаза, со посебен интерес во дизајнот, синтезата, карактеризацијата, оптимизацијата и имплементацијата на паметни материјали. Науката за материјалите е една од најбрзорастечките области во науката, воопшто, а искуството со подготвување, карактеризација, оптимизација, моделирање и имплементација на нови материјали со предвидливи, корисни и конкретни својства со намена за конкретни примени во практиката е една од основните компоненти во таа насока. Четирите главни области на научниот интерес на проф. Панче Наумов се однесуваат на: кристални материјали, фотокристалографија, биолуминесценција и петролеомика (наука за нафтата). Во центарот на неговите истражувања се нови паметни материјали со необични својства, а особено нов тип материјали на динамични материјали што ги открива во неговите лаборатории. Некои од овие материјали сега се сметаат како основа за ефективна и контролирана претворба на еден вид енергија во друг, а особено на светлина или топлина во механичка работа. За овие материјали се смета дека претставуваат основа како алтернативен начин за конверзија на енергија.

Овде посебно заслужуваат да се споменат ултрабрзите фазни трансформации во цврста фаза, супереластични кристали, пластични кристали што може да се деформираат, саморепарирачки кристали, органски материјали со мемориски ефект, органски мартензитни материјали, механичка деформација на материјали, биогенски или патолошки кристали коишто се важни за медицински цели, и суперхидрофобни материјали што можат да се чистат без надворешна интервенција. Неговите истражувања во врска со таканаречените салиентни кристали (материјали коишто можат да ја променуваат својата структура на кратка временска скала) се особено добро оценети и препознаени од меѓународната научна јавност. Овие материјали, коишто претставуваат нова, неистражена категорија молекулски кристали, имаат способност за брза претворба на енергија во механичка работа или движење, и можат да извршуваат корисна работа. Тие сега се препознаени поради нивните невообичаени својства и се разгледуваат како материјали за примена во органската електроника и оптика, медицината, за паметни направи или сензори, како и за примена во меката роботика. Некои од овие материјали сега се тестираат како основа за активен медиум за безбедни литиумови батерии, цврсти прекинувачи, лесни органски оптички кабли за пренос на информации, како и за многу други примени.

Според националната статистика на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што се наоѓа истражувачката лабораторија на д-р Наумов, неговата истражувачка група е водечки тим според квалитетот и квантитетот на објавените резултати од областа на хемијата. Според оваа база, неговата група продуцирала околу 45 % (2015), 50 % (2016), 37 % (2017), 42 % (2018), 42 % (2019) и 29 % (2020) според бројот на објавени трудови во државата во списанија со висок фактор на влијание. Во однос на фрaкцискиот индекс, којшто го одразува уделот од истражувањата во самата држава (без соработници од странство), неговите трудови се 63 % (2015), 70 % (2016), 43 % (2017), 37 % (2018), 59 % (2019) и 56 % (2020) од целокупната активност во ОАЕ. Од публикуваните трудови, повеќе од 120 труда се објавени од 2012 година кога Наумов започнал да работи во кампусот во Абу Даби, а повеќе од 70 труда се објавени во списанија што се дел од базата Nature Index. Наумов има објавено посебни поглавја во четири книги или монографии и два лабораториски прирачника.

Во 12-годишниот успешен и плодотворен престој на д-р Наумов во Јапонија, неговата научно-истражувачка работа била спонзорирана со грантови од три институции: Интернационалниот центар за млади научници (International Center for Young Scientists, ICYS) при јапонскиот национален институт за материјалите (National Institute for Materials Science, Глобалниот центар за одличност (Global Center of Excellence) при Универзитетот во Осака (Osaka University),  како и од страна на Институтот за хемиски истражувања (Institute for Chemical Research) во Универзитетот во Кјото (Kyoto University). Од 2012 година неговата научноистражувачка работа е спонзорирана од самиот Универзитет во Њу Јорк. Оваа финансиска поддршка моментно вклучува околу пет позиции за пост-докторанти или истражувачи, како и значителна сума на средства за истражувања, материјални трошоци, патувања за учество во конференции и за лабораториски инструменти. Во текот на изминатите пет години, истражувачката група на д-р Наумов успеала да добие 3.6 милиони долари за спонзорирани проекти, од коишто 3.15 милиони долари од надворешни спонзорства. Заедно со стартап грантовите во Јапонија и ОАЕ, спонзорството за неговите истражувања досега достигнуваат повеќе од 12 милиони долари.

За истакнување е дека некои од надворешните спонзори на истражувањата на д-р Наумов се Националната компанија за нафта на Абу Даби (Abu Dhabi National Oil Company, ADNOC), Едукативниот совет на Абу Даби (Abu Dhabi Education Council, ADEC, скоро преименуван во Abu Dhabi Department of Education and Knowledge, ADEK). Д-р Наумов бил главен раководител на меѓународен проект со истражувачи од Германија и Франција спонзориран од страна на Human Science Frontier Program Organization (HFSPO) којшто се однесува на хемиски аспекти на биолуминесценцијата кај светулките. Раководел и со проект спонзориран од UAE National Research Foundation на ОАЕ којшто е во врска со дизајн и апликација на суперхидрофобни површини. Д-р Наумов има добиено и средства за два проекти од внатрешните фондови на Њу Јорк универзитетот во Абу Даби, како и неколку помали проекти во Јапонија и во ОАЕ.

На научни конференции и други научни манифестации проф. Наумов презентирал резултати од научни истражувања повеќе од 340 пати, а исто така има одржано околу 80 предавања по покана на конференции, како и 82 предавања и семинари по покана во разни академски институции низ целиот свет. Проф. Наумов организирал вкупно 8 меѓународни научни конгреси (Абу Даби-2015); конференции (Абу Даби-2016 и 2018);  симпозиуми (Хонолулу на Хаваите-2015); микросимпозиуми (31. Европски конгрес за кристалографија, Овиедо, Шпанија, 2018; 22. Конгрес на Генералното собрание на Интернационалната унија за кристалографија во Мадрид, Шпанија, 2011); серија семинари (на Харвард универзитетот во САД и на Њујорк универзитетот во Абу Даби, OAE).

Најзначајни од нив се двете конференции за науката на материјалите што ги организирал во последните години: The First and the Second Middle-Eastern Materials Science Conference во 2016 (22 – 24 март) и во 2018 (12 – 14 ноември). И двете конференции, коишто се поддржани од Институтот при NYUAD, сега прераснаа во еден од најважните конференции во ОАЕ во областа на наука за материјалите. На овие конференции учествувале голем број истакнати научни предавачи и уредници на научни списанија, околу 40 во првата конференција и околу 30 во втората конференција. Овие научни конференции имале цел да бидат основа за зближување на научната заедница на ОАЕ со истакнати странски истражувачи, особено тие што работат во областа на науката за материјалите. Во април 2020 година, проф. Наумов одржал специјално предавање, т.н. Gerhard Schmidt memorial lecture, во Институтот Вајцман (Weizmann Institute of Science) во Израел. Ова годишно предавање е во чест на професорот Герхард Шмит (Gerhard Schmidt) и досега го одржале педесетина предавачи, а помеѓу нив и нобеловци, како што се Dorothy Hodgkin, Vladimir Prelog, Dan Shechtman и Jean-Marie Lehn.

Проф. Наумов учествувал или во моментов е член во вкупно 18 уредувачки одбори или советодавни одбори на реномирани меѓународни научни списанија (како уредник, гост-уредник, регионален уредник, консултант, и сл.). Д-р Наумов бил рецензент на повеќе од 70 научни списанија и за повеќе од 350 труда (Прилог 1) во списанија што се објавуваат од страна на Nature Publishing Group (NPG), American Chemical Society (ACS), The Royal Society of Chemistry (RSC), Wiley-VCH, Elsevier и други издавачи. Во 2020 година бил избран за еден од 5 % најдобри рецензенти за меѓународното списание Angewandte Chemie (Општа хемија) коешто го издава германското хемиско друштво. Помеѓу 2019 и 2021 година бил дел од интернационалнот советодавен комитет на списанието CrystEngComm, коешто го издава кралското хемиско друштво на Велика Британија. За истото списание на двапати (2015 и 2018 година) бил гостин уредник на специјални броеви од списанието. Од 2021 година е член на советодавниот одбор на ова спиание, а од 2022 година е член на уредувачкиот одбор на списанието Chemistry – A European Journal, коешто го издаваат 16 европски хемиски друштва.

Од 2021 година, д-р Наумов е член на уредувачкиот одбор на гласникот на Интернационалната Унија за Кристалографија (International Union of Crystallography) што ги покрива Европа, Русија и Средниот Исток.  Во 2011 година, бил гостин уредник за ова списание каде во три броја (број 2, 3 и 4 од воументот број 19, 2011 година) од истото списание и ги координирал статиите за кристалографијата во 11 држави од југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Долги години д-р Наумов е и дел од уредувачкиот одбор на македонското списание за хемија, Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineeting (MJCCE). Д-р Наумов бил и член на комисии за одбрана на докторски дисертации на поголем број докторски и магистерски трудови (Прилог 1).

Проф. Наумов е член на американското хемиско друштво (American Chemical Society), кралското хемиско друштво (Royal Society of Chemistry, RSC), Европската кристалографска асоцијација (European Crystallographic Association, ECA), Американската кристалографска асоцијација (American Crystallographic Association, ACA), Националната академија на науките на ОАЕ (Mohammed Bin Rashid Academy of Scientists, MBRAS), и Кристалографското друштво на ОАЕ (Emirates Crystallographic Society, ECS). Д-р Наумов е поранешен член и на The Optical Society of America, Crystallographic Society of Japan, The Japanese Photochemistry Association, SPring-8 Users Society, Japan Society of Coordination Chemistry и Materials Research Society of Japan. Наумов е основач и на разгранокот на Американското хемиско друштво (American Chemical Society (ACS)) за ОАЕ, како и основач на Кристалографското друштво на ОАЕ (Emirates Crystallographic Society (ECS)), член на одборот на International Society of Bioluminescence and Chemiluminescence (ISBC), член на одборот на International Conference on the Chemistry of the Organic Solid State (ICCOSS), советник на European Crystallographic Association (ECA), како и советник на International Union of Crystallography (IUCr), и на други организации.

За неговите извонредни достигнувања во истражувањата од областа не хемиските науки, д-р Наумов е добитник на бројни награди и признанија. Во 2018 година, бил избран за член на Редклиф институтот (Radcliffe Institute) на универзитетот Харвард во САД што му овозможило една година да престојува на универзитетот Харвард. Д-р Наумов е добитник и на наградата Wilhelm Bessel Research Award од фондацијата фон Хумболт (Alexander von Humboldt Foundation). Исто така, неговите резултати се наградени со Asian and Oceanian Photochemistry Association Prize for Young Scientists. Како професор на Универзитетот во Осака, д-р Нуамов добил и Global Center of Excellence (GCOE) Fellowship. Во 2019 година ја добил наградата Hans and Marlies Zimmer International Scholar Program Award од универзитетот во Синсинати, САД. Има добиено и Global Research Initiatives Fellowship од универзитетот во Њу Јорк, што му овозможил двомесечен престој во огранокот на NYU во Мадрид, Шпанија. За целокупниот придонес кон науката и образованието во ОАЕ, во 2020 година на д-р Наумов му била доделена 10-годишна (т.н. златна виза) што му овозможува подолг престој во државата како личност од посебно значење и придонес. Истовремено д-р Наумов бил избран и за еден од само 33-те членови на првиот состав на Националната академија на науките на ОАЕ, Mohammed bin Rashid Academy of Scientists.